Најновиот пост на The Red Hand Files, блогот на Ник Кејв на кој тој лично и детално одговара на писма кои му ги испраќаат неговите фанови, се однесува на две теми кои се навидум неповрзани - што е тоа „милосрдие“, и што мисли Кејв за тн. култура на „бојкоташење“.
„Милосрдието е вредност која треба да биде во с’ржта на секое толерантно општество. Таа поздразбира дека сите сме несовршени, и оттаму ни овозможува да дишеме - да се чувствуваме заштитено во рамки на општеството, преку нашата заедничка фаличност. Без милосрдието општеството ја губи својата душа, и се јаде самото себеси“, вели тој, цитирајќи го Оскар Вајлд кој вели дека доколку постои милосрдие тогаш можеме „eлегантно да си играме со идеи“.
Но милосрдието не е нешто дадено, туку на него треба да се работи. Културата на бојкот е антитеза на овие напори - политичката коректност според Кејв е најнесреќната религија во светот. Ги содржи сите најлоши аспекти кои би можела да ги содржи организираната вера, моралната закоравеност и ароганцијата која не нуди можност за искупување.
Сето ова води кон одбегнување на идеи кои се неудобни и дискусии кои се нелагодни, што има загушувачки ефект врз креативните во општеството кои во целата човечка историја генерирале свежи начини на гледање на светот.
Писмото завршува со реторичко прашање - „Во моментов нашата култура е во транзиција. Можеби сме тргнати накај поеднакво општество - не знам - но какви суштински вредности ќе поништиме во тој процес?“