Старовремска, а сепак крајно модерна естетика, според многумина првото значајно културно движење после хип-хопот, „тви" има претставници во музиката, филмот, храната, модата и политиката. Негова главна карактеристика: пресметана наивност и бунтовен недостаток на иронија, на кој често се реагира со - иронија.
Како ќе знаете дали сте припадник на „тви"? Неколку работи: имате здрав сомнеж кон тоа да станете возрасен, страсно сте посветени на некој ваш мал проект (од одгледување органски домати во саксии, до свирење во непознат бенд). Ги фетишизирате сите оние маргинализирани заради нивната интелигенција, необични хобија и морални ставови (од нрдови и гикови до девици, не во хороскоп), кои меѓусебно комуницираат со цитати од прерано прекинати ситкоми, а омилени им се „Б-страни" песни. Сакате било кого од „тви" пантеонот, или сите нив заедно: Ник Дрејк, Вес Андерсон, Морисеј и Д Смитс, генерално секој кој се обидува да ја подрие хипер-маскулизираноста на рокенролот, без гитарски солоа, без гнев, меко, со арно, со убаво. Ги цените бендовите кои имаат „бистар" звук, без басови, без дисторзии, и често вклучуваат дуети со нежни машки и женски гласови, чии текстови навидум звучат слаткасто и „хепи", но ако се заслушате, во нив знае да има голема тага и меланхолија. Тие сте?
Ова лето излезе и книга посветена на феноменот, „Тви: нежната револуција во музиката, книгите, телевизијата, модата и филмот" на Марк Шпиц, кој ја трасира историјата на „тви" по Втората светска војна, како реакција на војната и уништувањето, а како прв претставник го назначува Волт Дизни. Следат фигури како Селинџер, Чарли Браун, Морис Сендак, па до современите Вес Андерсон или бендови како Смитс и Belle&Sebastian.
Toкму оваа инди група од Глазгов и нејзиниот „носталгичен поп" е виновникот за најновиот „тви" производ кој типично нема голем комерцијален успех, но е хит во тви круговите - филмот и, особено, саундтракот, за God Help the Girl, чиј сценарист и режисер е фронтменот Стујард Мрдок. Во главната улога е преслатката Емили Браунинг (oд „Сакер панч“ и „Заспаната убавица“), која со беретчето, доколенките и целата таа кршливост може слободно од сега да биде икона на тви движењето.
Филмот, слично како и „Луин Дејвис" на браќата Коен, е всушност долг спот за музиката, кој со сите тие сатурирани бои и високо естетизирани сцени прави да ви е убаво дури и кога приказната е тажна. Таа во голема мерка е базирана на животот на самиот Мрдок, кој исто како и ликот на Емили од филмот бил институционализиран заради синдром на хроничен замор, а за бељата да биде поголема е алергичен на алкохол, заради што морал сосема да се откаже од него. Така сакал-нејќел неговата музика станала контрапункт на онаа создадена на алкохол и дроги - меланхолична потрага по утеха во малите работи. Како утринско сонце во среда наутро.
Песна од филмот:
Нашата нај-најомилена од Belle and Sebastian, дует со Нора Џонс: