Невремето во „Човекот-громобран“ на Херман Мелвил
Помалку познат краток расказ на авторот на „Моби Дик“ напишан во 1856, се случува среде бура. На вратата на домoт на главниот лик доаѓа необичен човек, кој држи некој вид трозабец. Се претставува како продавач на громобрани и се обидува, како трговски патник, да го искористи невремето за да му продаде неколку на домаќинот. Но нашиот јунак е убеден дека природата не е толку злобна за тој да мора да се заштити од неа. Трговецот е исфрлен на улица, среде „потреси со големина на Хималаи“, во кои нараторот гледа убавина, несвесен дека за само еден миг тие би можеле да го убијат.
Молњата во „Лолита“ на Набоков
„Мојата многу фотогенична мајка умре во чудна несреќа (пикник, молња) кога имав три години...“
Според коментаторка на Њујоркер ова е најдоброто објаснување во заграда во историјата на книжевноста. Попозната од оваа веројатно е само молњата-лузна на Хари Потер. Но оваа на Набоков е „мета“ - светнува ненадејно среде реченица, од нигде никаде, моќна и сјајна.
Калта во „Напуштената куќа“ на Чарлс Дикенс
„На улиците имаше толку кал како сите води да се повлекле од лицето на земјата, и не ќе беше прекрасно да се сретне некаков Мегалосаурус, дванаесетина метри долг, како се снове како слоновски гуштер по Холборн хил“.
Романот на Дикенс е најпознат по неговата магла, која не е само вообичаена појава во град како Лондон, туку го симболизира и британскиот правен систем. Но калта е уште потежок симбол - таа не само што се лепи околу секоја чизма и им претставува сизифовска мака на чистачите на улици (како сиромавиот Џо од книгата), туку обезбедува и оправдување за да се спомне праисториско животно, веројатно прв и последен пат во викторијанската литература.
Снегот во „Мртвиот“ на Џејмс Џојс
Студ и снег има насекаде низ светската литература, а првак е веројатно руската, во која речиси и да нема големо дело во кое тој не паѓа. Сепак, според изборот на Њујоркер, една од поубавите снежни бури е онаа во последниот расказ на „Даблинци“ на Џојс. Откако минува ноќ исполнет со социјални обврски - Божикна забава, говор, копнеж по жена си - главниот лик го следи спокојното паѓање на снегот и самиот тоне во убава меланхолија. Бурата низ прозорецот ја зафаќа цела Ирска, целата земјина топка, целиот универзум; но додека обемот на бурата се зголемува, човечкиот живот се намалува и на крај гасне.
Жештината во „Странецот“ на Алберт Ками
Само што ќе се спомне насловот веднаш пред очи доаѓа испотениот Мерсо, кој на жежок ден си ја закопува мајка си и во истиот тој жежок ден пука пет пати во човек и го убива. Жешко е и кога почнува судењето кое ќе заврши со смртна казна. Кога судијата го прашува што го натерало да пука, Мерсо вели дека тоа е „поради сонцето“. И ова не е некаков симбол на сјаен и моќен гнев, туку на жештина која е надворешна и сосема случајна - добар или лош изговор за сулудо однесување како кој и да е друг, во овој хелиоцентричен универзум.
И еден македонски пример - „Бура“ од Блаже Конески, за моментите кога среде хаосот е тешко да го сочуваш она тивкото, нежното, човечкото
Бура
Колку ненадно иде бурата.
В поле се мрачи, разлава ветар буен.
Демнеме. Сега прва молна ќе светне,
во нас ќе запали силен гнев.
Грмовни тонови, груби, искинати,
и настрвени како душите што ни се
дека во крвје тонеме.
А дали ќе можеш и тивка песна да зачуеш,
како цвет на гради стиснат,
сон, оти смевнато девојче ќе видиш,
како човечкото во тебе да плаче –
дали ќе можеш?
Блаже Конески