Во видео есеј на оваа тема, под наслов „Што е неореализам?", се прави еден интересен филмски експеримент, кој на најочигледен начин ја демонстрира моќта на монтажниот 'кат'. Во паралелни кадри се анализира начинот на монтирање на „Последна станица" на Виторио де Сика со Џенифер Џоунс и Монтгомери Клиф од 1953, и на истиот филм и истата година, ама продуциран од Дејвид О. Селзник, двојниот добитник на Оскар за најдобар филм за „Одвеано од виорот" и „Ребека", и продуцент на „Третиот човек".
Не само што клипчето кое трае неполни 5 минути кажува многу за влијанието на продукцијата врз крајниот производ, туку е и одлична школа за жанрот „неореализам". Најмногу кажува за оние продуценти кои во него се опишани како „такви кои сакаат да ја наметнат својата волја врз сензибилитетот на одреден филм". Или без еуфемизми, такви кои го газат режисериот, му го менуваат дури и насловот на филмот, а тој мора да трпи.