„Бруцош“ во дигиталниот речник на македонскиот јазик е дефиниран како „студент на прва година без положен испит“, слично со „почетник“. Нашето пребарување по етимологијата на зборот нè доведе до латинското brutus, со значење груб, недоделкан, „примитивен“. Следствено на тоа, бруцошот е некој што би влегол во системот на високо образование како таков (никаков) а би требало да излезе од таму софистициран и облагороден.
Но текст на оваа тема на хрватски портал нуди уште поинтересно објаснување. Според нивни експерти од Институтот за хрватски јазик и лингвистика, бруцошот е лице на кое му растат првите „срамни“ влакна, односно оние околу гениталиите!
Според нивно толкување, именката „бруцош“ е потврдена од 19 век и потекнува од загрепскиот студентски жаргон. Согласно етимолошката литература основата бруц потекнува од глаголот „бруцати“ - имено, растењето на спомнатите влакна. Суфиксот - ош изворно потекнува од унгарскиот (како во „добош“) но се додава и на домашни основи, во случајов и на хрватски и на македонски зборови, и обично дава навредливо значење или го засилува веќе негативното (како цинкарош, сплеткарош итн.). Бруцош значи би бил оној кому уште не му проработеле хормоните, кој има „фурни леб за јадење“ и време за биолошко и ментално созревање, а нив метафорично ќе ги изеде низ студирањето.
Истите тие експерти ни ја отфрлаат теоријата за „брутус“, ама нам двете не ни се контрадикторни. Плус и нашата повеќе ни се допаѓа, затоа што е - наша.