„А лута континуа“ е политички слоган, кој на португалски значи „борбата продолжува“. Тој се појавува на одјавната шпица на четири филмови потпишани од Дем: „Нешто диво“, „Мажена за мафијата“, „Кога јагнињата ќе стивнат“ и „Филаделфија“. Но него можат да го забележат само оние малкумина кои доседуваат до крајот, а уште помал број знаат за што всушност се работи - за мото на движењето за независност на Мозамбик. Каква врска има тоа со Дем?
Режисерот беше познат по неговиот политички активизам, беше вклучен во различни прогресивни групи, направи два документарци за политичките премрежја на Хаити и често одбираше теми за играни филмови кои ги отсликуваа неговите убедувања. Фразата „А лута континуа“, мото на Мозамбичкиот фронт за ослободување (во моментов мнозинска политичка партија во оваа земја) се прошири и вон португалското говорно подрачје преку музиката, особено како наслов на песна изведувана од Миријам Макеба, низ цела Африка. Најсвеж пример за негово користење е како мото на ЛГБТ активистите во Уганда и во контекст на студенските демострации во Нигерија и Јужна Африка.
Причината зошто истиот би се појавил на шпицата на холивудски производ е затоа што тоа е дел од логото на личната продукциска компанија на Дем, Клиника Естетико. Во годините кога мотото почна да се појавува на крајот на неговите филмови, спомнатиот фронт се уште водел долгогодишна граѓанска војна против Мозамбичкиот народен отпор, десничарско движење поврзано со идеологијата на апртхејдот. Двете фракции конечно потпишаа мировен договор во 1992, две недели пред Дем да почне да го снима „Филаделфија“, последниот филм во кој се појавува слоганот.
Што се однесува пак до човечето на сликата, Дем му дал прекар Хоробадо, шпански за грбав човек. Иако силуетата е речиси идентична со карта која понекогаш се користи во мексиканска игра со лотарија, Дем тврди дека тој го видел на шише со лекови во Шпанија. Едноставно, го бендисал.