Тоа било само уште една здодевна вечер за полицаецот Шерли Броун и неговиот партнер, тој топол јули 1953 во близина на Атланта, Џорџија. Тоа тогаш била тивка, рурална област, каде не се случувало ама баш ништо возбудливо. Сè до таа ноќ во која одеднаш ќе се појават неидентификувани летечки објекти и еден мртов вонземјанин.
Како што возеле долж автопатот, двајцата полицајци забележале камионче кое стоело буквално среде пат, обиколено од тројца вознемирени луѓе. Двајца од нив биле бербери, а едниот локален касап. Не престанувале да дрдорат и изгледале како да имаат паничен напад. Браун ги смирил и успеал да извлече од нив што се случило.
Мажите изјавиле дека додека возеле долж тивкиот селски пат виделе сјајно црвено вселенско летало, како лебди над асфалтот. Во близина, од зад грмушките, ѕиркале две бизарни суштества - едното практично се фрлило пред камионот, додека другото скокнало во леталото, кое тогаш почнало да свети сино и заминало со голема брзина.
Полицаецот немало да им поверува ни збор, да немало две нешта кои зборувале во прилог на нивната приказна: траги кои изгледале како да се направени од висока температура. И мртов вонземјанин, кого несакајќи го прегазиле. Тој изгледал некако бледо, немал влакна по телото, главата му била со чуден облик а очите прекумерно големи. Со оглед на сите факти, тие можеби сепак ја кажувале вистината.
Набргу приказната почнала да се шири - во локалната полициска станица почнале да се јавуваат новинари, претставници од воздухопловните сили и десетици луѓе кои тврделе дека виделе светлина на небото и чудни суштества истата ноќ.
Додека се одвивало сето ова, суштеството кое сега добило и име - „Марсовскиот мајмун“ - бил однесен во Универзитетот Ермори за да биде испитан од двајца професори по анатомија. Тие набргу сфатиле за што станува збор. Никаков вонземјанин, туку обичен резус мајмун, избричен и со отсечена опашка (која му ја исекол веројатно касапот), плус намачкан со зелена прехранбена боја.
Сето ова тројцата го признале и додале дека трагите на асфалтот ги направиле со пламенофрлач, за да се постигне што пореалистичен ефект. Биле обвинети за суровост кон животни, но судот на крај ги ослободил со казна од само 40 долари за сообраќаен прекршок - блокирање на автопат. До крајот на животот оние што ги познавале ги нарекувале „Луѓе-мајмуни“ и тоа веројатно била поголемата казна (а кој знае, можеби и гордост).