Некролог за филмот од 90 минути

Со тешко срце ја соопштуваме смртта на филмот од 90 минути, роден во Холивуд, Калифорнија, со потекло за кое сè уште се расправа. Сепак, љубовната драма со љубовен триаголник „Слепи сопружници“ од 1919 година се смета за еден од најраните примери на овој формат, што значи дека при своето неодамнешно заминување тој имал околу 106 години.

Сакан од сите што го доживеале, филмот од 90 минути им нудеше на гледачите добро раскажана приказна за која не беше потребно да се одвои цел ден. Иако никогаш не стана апсолутна норма, неговата популарност низ децениите постојано се зголемуваше и опаѓаше. Сепак, без оглед на филмските трендови на времето - од долги кадри и светлосни отсјаи, до поделени екрани и ѕвездести премини - филмот од 90 минути секогаш си остануваше...90 минути.

Иако во текот на својата „кариера“ се покажа како исклучително прилагодлив, најчесто се поврзуваше со комедијата и хоророт. Класични дела се доказ за добро поминат живот. Во поновите години, сепак, и двата жанра почнаа да ги напуштаат компактните наративи во корист на „повозвишени“, но и поразвлечени стилови, што доведе до кинематографска „надуеност“. И покрај тоа, секое појавување на нов филм од 90 минути носеше искрена радост - гледачите со задоволство забележуваа дека конечно можат да изедат корпа пуканки без страв дека ќе пропуштат клучен дел од заплетот додека одат до тоалет.

Пред него починаа кратките неми филмови од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Пионерски остварувања од крајот на 19 век на браќата Лимиер или „Кабинетот на д-р Калигари“ (1920) на Роберт Вине, го поставија темелот на една уметност и ги охрабрија филмаџиите да прашаат: „А што ако овие имаа звук и беа подолги?“

Филмот од 90 минути зад себе ги остава самоуверените, но предолги Нетфликс-продукции што никако не би требало да надминат два часа, како и тричасовните „престижни“ филмови за Оскар, режирани од осумдесетгодишници, кои на студијата им носат загуби од по 100 милиони долари. И, секако, модерниот суперхеројски филм. За конкретни примери, доволно е да се погледнат најгледаните филмови на изминатата деценија.

Наместо цвеќе, посетете го вашето локално кино и побарајте нов филм што трае околу 90 минути. Веројатно ќе биде нешто за кое никогаш не сте слушнале . Купете билет, сместете се во седиштето и утешете се со мислата дека, без разлика дали филмот ќе ви се допадне или не, дали ќе биде незаборавен или целосна утка, ќе излезете од салата по час и половина со доволно време пред себе - време што можете да го искористите дури и за уште еден исто толку долг филм.

извор

22 јануари 2026 - 11:16