Малите градби може да ги завршат првобитните нивни неимари: на великите зданија, на оние вистинските, последниот камен секогаш останува за поколенија. Не дај Боже некогаш да завршам нешто. Целава книга е само нацрт - не нацрт за нацрт е. О, време, сила, парички и трпение!
Откако го прочитавме македонскиот превод на „Моби Дик“ на Огнен Чемерски не можеме да престанеме да мислиме на оваа книга, да ја препрочитуваме и да ја препорачуваме. Бел кит меѓу најубавите дела на светската книжевност, таа во оригинал е напишана на густ и тешко разбирлив англиски. Но и покрај својата симулирана и/или реална архаичност, идеите во неа се толку свежи и актуелни, како Мелвил да е наш современик.
Еве неколку нешта заради кои треба да ја прочитате, или повторно да ја земете во раце летово, додека се одмарате крај некоја голема вода:
Многу пред хипстерските повици за заштитата на животните, низ описите на суровиот лов на благородните китови Мелвил поттикнува емпатија кон нив и кон животните воопшто. Спротивно на елегантноста и генералната мирољубивост на китовите, човекот знае да биде зол, алчен и непотребно агресивен кон сè што го опкружува („Трајната устројствена состојба на ракотворениот човек е тиња“). Мелвил ги предвидува масовните истребувања на видовите и климатските промени, опишувајќи слика на „поплавена планета“.
Опседнатоста на капетанот Ахаб со неговиот кит е често користена во американската политика, како метафора за бескорисен, скап и ризичен одмазднички потег (како оној на Буш по Бин Ладен, или градењето на ѕидот со Мексико на Трамп). Следниов извадок може да се однесува на кој и да е тоталитарен водач: „Посадата, така бирана, изгледаше полна со некаква адска фаталност која требаше да му помогне во неговата манијачка одмазда“.
„Моби Дик“ е исто така првата книга во западната проза која прикажува истополов брак - главниот лик Исмаил во еден момент завршува во кревет со крупен тетовиран домородец од Пацификот, Квиквег, кој го прегрнува околу половината и му вели дека од тој момент се „земени“. И други сцени имаат прилично јасна хомоеротска нишка - морнарите меѓусебно си ги масираат рацете со скапоценото масло од кит, а има и цело поглавје посветено на препуциумите (додуша на китовските).
Но книгата е субверзивна и во друга смисла, заради вклучување во западната проза на ликови и (машки) тела од најразлични бои, облици и раси - домородни Американски, Афро-Американци и Азијци. Така патувањето станува метафора за САД како мултикултурна, но прилично очајна заедница, која дополнително ќе биде уништена од капитализмот и неговиот империјалистички дух.
Мелвил има изјавено: „Напишав бохогулна книга. Па сепак се чувствувам безгрешен како јагне“. Неговата луцидност и дух живеат, дополнети со луцидноста на преталентираниот (и никогаш непрежален) Огнен. Доколку пак сакате да ја слушате, а не да ја читате, во оригинал, тука можете да ја слушнете во изведба на познати актери, како Тилда Свинтон или Стивен Фрај.
Види претходно: Букбокс читанка - „Моби Дик или пофалба на еден велји превод“