Стварно навивавме за МекКонахи да го добие Оскарот, но сега откако го гледавме Небраска не би се бунеле да го земеше и Брус Дерн. Затоа што неговиот лик на опсесивниот чичко Вуди, кој мисли да помине 1,500 километри за да подигне милион долари и да си купи камионче и воздушен компресор, е едноставно прекрасен во неговата истовремена сировост и детска наивност.
Синот на Вуди, Дејвид, веднаш сфаќа дека писмото за „наградата" е класична измама, но сепак одлучува да му учини на татка си, знаејќи дека тој нема да се откаже па макар лазел до Небраска. На првото преспивање по пат Вуди скришно излегува на пијачка и на враќање во темницата паѓа и си крши глава. Во болницата го шијат но препорачуваат мирување барем неколку дена. Чаре - да се посети братот на Вуди во нивниот роден град, кој изгледа како сценографија од вестерни, со една главна улица и куќички како направени од картон, кои и да е филмот во боја не би изгледале ни малку порадосно.
Сцената на првата средба по многу години на Дејвид со неговите први братучеди е антологиска - целото семејство седи собрано околу телевизорот среде бел ден, бидејќи сите се без работа, а двајцата братучеди кои едвај ги собира на голем тросед не само што изгледаат како бивши затвореници, туку тоа и се. Единствен муабет кој го вртат со Дејвид им е околу тоа колку време траело возењето од Монтана. Кога Дејвид пресметува дека му требале два дена за 1200 километри, овие не престануваат да му се смејат („што возиш бе, ѓубреџиска кола?"), и му го спомнуваат тоа до крај на престојот како доказ за неговата немажевност и смотаност.
Целото патување ги зближува таткото и синот, и открива до тогаш непознати детали за семејството. На пример дека Вуди никогаш не сакал да има деца, ниту пак дека некогаш бил заљубен во жена си, како и тоа дека Корејската војна врз него оставила многу поголеми лузни отколку што тој до тогаш признавал.
Иако Дејвид го советува никому да не му кажува за наградата, Вуди сака да се пофали пред своите некогашни сограѓани и веста почнува да се шири со неверојатна брзина. И покрај постојаното инсистирање и на постариот брат и на жената на Вуди, кои пристигнуваат во меѓувреме, дека целата работа е само старечка фантазија, сега пак никој не им верува. Напротив, на ненаплатен Петко од сите страни почнуваат да пристигнуваат барања за некакви бивши долгови. Во еден момент братучедите со маски на глава го напаѓаат Вуди и му го одземаат писмото кое тој постојано си го носи во џепчето на кошулата. Сфаќаат дека тука нема никакви пари, а потоа и целиот град почнува да се подбива, гласно читајќи го писмото во кафана. Во тоа предничи бившиот бизнис партнер на Вуди, кој го игра Стејси Кич, а кој беше и најагресивен во барањето пари за наводните бивши долгови.
На Вуди му се слошува и повторно завршува во болница, но Дејвид сепак се согласува да оди до крај со патувањето откако сфаќа зошто татко му толку сака да ги земе парите - „за нешто да му остави на семејството", што е необичен знак на приврзаност на некој којшто изгледа камен студен кон своите блиски. Конечно пристигнуваат во агенцијата која ги дели наводните награди, но добиваат само - капче.
Вуди е смирен но крајно разочаран. Не можејќи да го гледа таков син му го заменува Субаруто со кое патуваат за камионче, и го купува митскиот компресор (кој станува таков откако Вуди триесет години спомнува дека некогаш му го позајмил на партнерот кој никогаш не му го вратил). Го убедува татко му дека агенцијата одлучила да му ги даде овие предмети како утеха за недобивањето милион долари, што овој го прима како сосема логична и фер разврска. Се враќаат во родниот град на Вуди, застануваат на таа една главна улица, и ги менуваат местата. Вуди гордо и полека вози низ градот за сите да го видат - дека ете, тој сепак добил награда и си купил камионче. Дури му вели на син му да се скрие под совозачкото седиште, за да изгледа дека вози сосема сам. Филмот завршува на излезот од градот, кога Вуди застанува на патот и повторно ги заменува седиштата. И реално и симболички, стариот му го предава воланот на синот.
Филмот е и визуелно и содржински крајно едноставен, но ликовите се толку живописни што даваат боја на инаку црно-белата кинематографија. Некаде прочитав дека Александар Пејн наводно преку филмов им се исмевал на старите и нивните сенилни испади, што не може да биде попогрешно толкување на филм кој всушност сосема обратно, ја исмева современата трка по вечна младост и лажни вредности, во вид на капчиња на кои пишува „Победник".
По неговото гледање може да си го преслушате „Небраска" на Брус Спрингстин, особено „Вила на ридот", која одлично го пресликува чувството кое може да го следи човека во текот на целиот живот, но е особено изразено кога тој се соочува со крајот - чувството на нешто пропуштено, далечно и неостварено. Вуди ги даде сите свои пари за милион долари, и со својот нов камионет и компресор за воздух, замина на подобро место.
There's place out on the edge of town sir
Risin' above the factories and the fields
Now ever since I was a child I can remember that mansion on the hill
In the day you can see the children playing
On the road that leads to those gates of hardened steel
Steel gates that completely surround sir the mansion on the hill
At night my daddy'd take me and we'd ride through the streets of a town so silent and still
Park on a back road along the highway side
Look up at that mansion on the hill
In the summer all the lights would shine there'd be music playin' people laughin' all the time
Me and my sister we'd hide out in the tall corn fields
Sit and listen to the mansion on the hill
Tonight down here in Linden Town I watch the cars rushin' by home from the mill
There's a beautiful full moon rising above the mansion on the hill