Не си од стакло, па да се скршиш

Во раниот нов век, кога стаклото почнало да го менува начинот на кој луѓето го гледаат светот - преку леќи, телескопи и микроскопи - се појавува необична психолошка појава: луѓе кои искрено верувале дека нивното тело е направено од стакло. Овој феномен ни открива како менливите историските стравови создаваат метафори преку кои луѓето ја изразуваат својата ранливост - кои за нив додуша се многу повеќе од метафори.

Зимата 1393 година во Париз била студена и тешка. Во кралската резиденција, еден млад владетел – кралот Шарл Шести – се повлекол во своите одаи, убеден дека неговото тело е направено од стакло. Тој не сакал никој да го допре, плашејќи се дека може да се скрши. Дури побарал во неговата облека да се вшијат железни прачки, за да го „заштитат“ од распаѓање.

Оваа заблуда не се појавила одеднаш. Неколку месеци претходно, кралот доживеал серија трауматични настани. За време на воен поход, доживеал психички слом и, во напад на паника, убил неколку свои витези. Подоцна, на една маскенбалска забава, избувнал пожар во кој загинале негови блиски благородници. Кралот преживеал, но останал длабоко потресен. По овие настани, неговото чувство за сопственото тело и безбедност се распаднало – и токму тогаш се појавува идејата дека е „од стакло“.

Ова не бил изолиран случај. Во текот на неколку векови, низ Европа се појавувале луѓе со слични убедувања. Некои мислеле дека се стаклени садови, други дека имаат стаклени делови од телото, а трети дека се затворени во стаклени шишиња. Интересно е што овие луѓе често биле образовани и функционални во сите други аспекти од животот.

Во литературата, оваа појава добива и поинаква димензија. Во краток расказ на Сервантес од 1613, „Адвокатот направен од стакло“ на Сервантес, ликот кој верува дека е од стакло станува исклучително искрен и директен. Ослободен од социјалните норми, тој зборува без филтер и ја критикува околината. Во контекст на општество обележано со страв и надзор, ваквата „стаклена“ состојба станува парадоксална форма на слобода.

Филозофите исто така се занимавале со оваа заблуда. Декарт ја користел како пример за лудило – состојба во која човек е апсолутно сигурен во нешто што е погрешно. Подоцна, мислители како Фуко и Дерида расправале дали токму преку ваквите случаи се дефинира границата помеѓу разумот и лудилото.

Но зошто токму стакло? Едно објаснување лежи во материјалната култура на времето. Во 16 век, стаклото станува клучен медиум за разбирање на светот – преку него се гледаат ѕвезди, клетки и нови хоризонти. Истовремено, тоа е кршливо и опасно. Така, тоа станува совршена метафора за човековата ранливост.

Другото објаснување е социјално: идејата се ширела меѓу образованите слоеви преку книги и медицински записи. Луѓето ја „учеле“ оваа форма на страдање, како културно препознатлив начин да се изрази внатрешна болка.

Еден од последните познати случаи е од 19 век: баварската принцеза Александра, која верувала дека во нејзиното тело има стаклено пијано. Таа внимателно се движела, избегнувајќи допир и судири, како навистина да носи нешто кршливо во себе. Нејзината заблуда ѝ овозможила да се повлече од очекувањата на општеството – да не се омажи, да не настапува, да не ја игра улогата што ѝ била наменета.

Со текот на времето, заблудата за стакленото тело исчезнува. Но тоа не значи дека исчезнува и чувството што стои зад неа. Наместо стакло, модерниот свет создава нови „јазици“ на страдање: електрични импулси, невидливи зраци, машини што контролираат мисли. Секој историски период ја обликува својата форма на психолошка ранливост.

Во таа смисла, заблудата за стаклото не е само медицински куриозитет, туку сведоштво за тоа како луѓето се обидуваат да го именуваат она што е премногу тешко да се каже директно. Таа покажува дека страдањето не е само индивидуално, туку и културно обликувано.

7 април 2026 - 09:46