Ема Мајнард предава на Универзитетот во Портсмит, на катедрата за образование и социологија. Кога нејзиниот син Оскар го завршувал основното училиште во Британија требало да почне да се подготвува за приемен во средно. Темпото му се променило, тинејџерските хормони проработеле и тој се соочувал со куп притисоци. Во еден момент во разговор со родителите избувнал - „Вие возрасните некогаш појма немате“, рекол.
Ова било почеток на муабет во кој Оскар имал многу што да каже во врска со одлуките кои возрасните ги носат во негово име и за местото на училиштето во неговиот живот. Прашањето кое пак возрасните го поставиле е дали и неговите другарчиња го мислат истото што и тој. Ова станало основа за реален истражувачки проект, кој би го раководеле самите деца. Тие учествувале во неговиот дизајн, ги следеле чекорите за негова реализација и ги објавиле податоците во статија, која две години подоцна конечно е објавена во Journal of Qualitative Research in Psychology.
Oва значи дека истражувањето ги вклучило децата како истражувачки партнери низ целиот процес, од развој до авторство. Тоа поттикнало детска критика на знаењето на возрасните и на нивниот авторитет.
Во проектот учествувале девет деца, кои Мајнјард веќе ги познавала а и тие меѓу себе. Ова овозможило безбедна и пријатна средина за работа. На нивните родители им било испратено видео во кое бил објаснет проектот, со формулари за согласност напишани така за да може да ги сфати секое дете. На децата им била дадена и опрема, како диктафони, школски прибор, пијалоци и грицки.
Почетната теза била „возрасните понекогаш немаат поим“, за која децата требало да размислат и да ги изнесат своите мислења. Следните прашања биле „Што имаат направено возрасните што направило да се чувствувате среќни или вознемирени?“ или „Дали има нешто што мислите дека возрасните не го разбираат и зошто“. Деветте деца се интервјуирале едни со други во групи по три, а возрасните стоеле на страна. Потоа две од децата кои потоа се наведени како автори учествувале во толкувањето на резултатите - ги преслушувале снимките и коментирале за она што го слушнале.
Резултатите покажуваат дека децата многу добро ги проценуваат способностите на возрасните и знаат дека ние често ги преценуваме своите способности и знаења. „Тие не можат да мислат дека се најдобри затоа што веќе минале низ детството“, изјавило едно од децата. Исто така укажале на разликите меѓу нивното детство и детството на нивните родители. Покажале фрустрираност од притисокот да бидат „совршени“ и потреба да бидат разбрани и утешени. Впрочем, исто како и ние.