Когнитивниот научник Томер Улман, раководител на Лабораторијата за компјутерски науки, когниција и развој на Харвард, изгледа како мал си играл со Лего коцки. Ама неговата фантазија за тоа што може да се претстави со нив го држи и како возрасен. Користејќи вештачка интелигенција тој рекреирал славни психолошки експерименти.
Еден од нив, за кој сме пишувале на повеќе пати, е експериментот на Стенли Милграм од 1961. Контроверзен тест за спремноста на луѓето да им се потчинат на авторитети, тој е користен за објаснување на бројни злосторства, од холокаустост до Абу Граиб.
Да потсетиме: под контрола на експериментатор облечен во бел мантил, волонтер - наречен „учителот" - му читал низи зборови на својот партнер, „ученикот", којшто пак бил врзан за машина за електро-шокови во друга просторија, одделена со стакло. Секој пат кога ученикот ќе направел грешка при повторувањето на низата, учителот требало да ја активира машината, најпрвин со 15 волти (мал шок), а потоа качувајќи до 450 волти (опасност: силен шок). Неколкумина кога слушнале што се бара од нив веднаш се откажале, но други терале до 450 волти, иако ученикот молел за милост, кажувајќи дека има проблеми со срцето, а по ударот со јака струја целосно замолкнувал. Всушност, вистинскиот шок бил следниов - дека дури 65% од учесниците биле подготвени да го свртат прекинувачот до потенцијално смртоносната волтажа. За среќа, ученикот глумел и во апаратот немало никаква струја. Ама..
Речиси пет децении од појавувањето на книгата на Милграм на оваа тема, овој шокантен експеримент се уште е извор на инспирација во поп-културата. До сега знаевме за контроверзен француски документарец спакуван како натпреварувачко шоу или за тоа дека во графичката новела „В за Вендета“ еден од ликовите вели дека загубил верба во човештвото поради овој експеримент. Сега тој е дизајниран, не физички, туку само како замисла, од вештачка интелигенција. И не е единствениот. Спомнатиот Улман истото го направил и со познатиот Станфордски затворски експеримент (за него претходно види тука), Невидливиот горила, Станфордскиот експеримент со колачиња (кој го проучувал одложеното задоволство) и експериментот со кучиња на Селигман за научената беспомошност.
Не сме сигурни дали би си играле со нив, но како дизајн делуваат навистина добро.