![](/files/styles/780px/public/bookbox/2025/02/07/439209-najstariot-anus-na-svetot.jpg?itok=5fgImUqa)
Генетичарите ги проучуваат реброносците - морски безрбетни животни кои пливаат со помош на трепки или „чешли“ - бидејќи тие се едни од наjстарите живи суштества на Земјата, што значи дека носат некои од најдревните гени на планетата. Нивната старост како вид се проценува на 600-700 милиони години. Но во научниот свет тие се познати и по уште едно својство: нивниот необичен процес на исфрлање измет.
Транспарентните долгнавести желатинести суштества до 2016 се сметало дека јадат и вршат нужда од истиот отвор, слично како и други едноставни организми. Но тогаш еволутивниот биолог Вилијам Браун на конференција во Флорида покажал видеа во кои е јасно дека тие имаат не едно, туку две дупчиња, односно и уста и анус.
Откритието било толку големо што заслужило да биде објавено во престижното списание „Сајнс“ каде првата реченица гласи: „Шупакот е една од најголемите иновации во изминатите 540 години животинска еволуција“. Имено, првите животни, како анемоните, морските сунѓери и медузите, немаат анус и мораат да јадат и да исфрлаат измет низ истата дупка. Откако еднаш се развил независен „излез“, животните се диверзифицирале во повеќето видови кои постојат и денес, од црви до луѓе.
Една од очигледните предности на втора дупка е тоа што животните можат да јадат додека варат храна, додека суштествата со една дупка мораат да завршат со јадење и да го исфрлат изметот пред да јадат повторно. Тоа дека реброносците имаат две дупчиња, а сепак еволуирале порано од другите животни, прави мал „потрес“ во досегашната хронологија и си бара свое објаснување, кое во моментов не е децидно.
Една можност е дека тие развиле ануснолики пори независно од сите други животни. Но можно е излезна дупка да постоела кај древните животински предци, но потоа да била загубена кај сунѓерите, медузите и анемоните. Спомнатиот Браун ја истражува вторава теорија, преку испитување на тоа дали реброносците активираат исти гени кога ги развиваат своите излезни пори, како што животните тоа го прават кога развиваат анус.