Низ светот во подготовка е отворање на повеќе музејски институции. Најпрвин се држи среќа, дека токму оваа е годината кога конечно ќе почне со работа Големиот египетски музеј, на само 2 километри од комплексот пирамиди во Гиза каде ќе се чуваат 100.000 артефакти заедно со колекцијата на Тутанкамон. Градежните работи започнаа далечната 2012 година, а до сега отворањето е неколку пати одложувано.
Еве уште неколку други:
Центар за астрономски откритија во Опсерваторијата Лоувел (Аризона)
Една од најстарите опсерватории во САД ќе стане уште поинтерактивна со отворањето на новиот научен музеј, кое се очекува во ноември 2024. Финансиран од фондацијата на Кемпер и Етел Марли, овој центар ќе се обраќа на сите, од аматери-астрономи до луѓе кои едноставно уживаат во тоа да гледаат во ѕвездите. Во склоп на институцијата ќе функционира сала со 180 седишта со кружен ЛЕД екран кој на посетителите ќе им овозможи одблиску да ги видат оддалечените пејзажи (како оние на Сатурн и Марс), Планетарум и две главни изложбени хали.
Посебен дел ќе им биде посветен на децата, кои тука ќе можат да градат и лансираат свои ракети или да управуваат со светлосни снопови користејќи призми и огледала. Истовремено, во Астрономската галерија ќе се истражуваат големите прашања на универзумот, како она „Како стигнавме тука?“, но не само преку наука туку и преку уметност и спиритуалност. Посетителите ќе можат да испраќаат енкодирани пораки во вселената, како и да следат метеорити во реално време користејќи ги астрономските податоци на опсерваторијата.
Музеј на Нинтендо во Кјото, Јапонија
Умовите зад медиумските франшизи како „Покемон“ и „Супер Марио“ стојат зад отворањето на нов интерактивен музeј, во кој ќе биде прикажана 135 години долгата историја на Нинтендо, од почетоците во 1889 кога компанијата произведувала карти „ханафуда“ (за нив види претходно во Традиционална јапонска игра со поезија испишана на карти), до нејзиниот подем како гигант во областа на видео игрите.
Локацијата е поранешна фабрика која Нинтендо ја користела за изработка на спомнатите карти и поправање играчки. Таму ќе бидат поставени живописните светови на Донки Конг, Легендата за Зелда, ќе можат да се тестираат вештините користејќи Нинтендо Свич и да се разбуди носталгијата по Нинтендо 64, првиот 64-битен домашен видео гејмерски систем од 1996, како и конзолата за 388 игри од кои 85 беа екслузивно продавани само во Јапонија.
Mузеј на Шекспир, Лондон
Во 2011 археолози од Музејот за лондонска археологија (МОЛА) открија остатоци од еден од најраните театри во овој град. Тогаш тие не знаеa дека локацијата ќе стане централна „сцена“ за нов интерактивен музеј. Оваа пролет Музејот на Шекспир ги отвора своите врати на местото на поранешниот Театар Завеса (Curtain Theatre), претходник на попознатиот Глоуб, каде Бардот лично ги поставил изведбите на „Ромео и Јулија“ и „Хенри Петти“. Ова ќе биде исто така прв пат театарските остатоци да бидат отворени за јавноста.
Музејот поседува иновативна мулти-сетилна технологија која ги рекреира звуците, глетките, па дури и мирисите на Лондон од 1598. Со помош на вештачка интелигенција ќе бидат прикажувани анимирани изведби а посетителот ќе може да стане и самиот дел од нив.
Музеј на жените-уметници во Мугин, Франција
Во август минатата година колекционерот Кристијан Левет го затвори Музејот на класична уметност Мугин кој содржеше антиквитетни дела, со единствена цел: да го пренамени просторот во прв голем европски музеј кој би бил посветен целосно на женска уметност. Кога ќе се ре-отвори овој јуни како Муген музеј на жени-уметници, посетителите можат да очекуваат реновиран музеј со ротирачки поставки на модерна и современа уметност од широк опсег уметници од личната колекција на Левет. Тука спаѓаат американската апстрактна експресионистка Елен де Кунинг и мултимедијалната уметница Кери Ме Вимс, чии фотографски серии во 1990-тите станаа глас на црните жени.