Во март 1971, Филип Глас извел еден од неговите први концерти во Британија, во Кралскиот колеџ за уметност во Кесингтон. Во публиката одделно биле присутни и двајца љубопитни 23-годишни фанови: Дејвид Боуви и Брајан Ино. До крајот на таа деценија обајцата ќе прават музика инспирирана од хипнотичкиот минимализам на Глас, содржана на трилогијата заеднички албуми снимени во Берлин. Од друга страна, на крајот на векот Глас ќе возврати со тоа што ќе почне серија симфонии инспирирани токму од Берлинската трилогија на Боуви.
Современиот лондонски оркестар вечерва, 10.05, ќе ги изведе сите три симфонии, вклучително и европската премиера на третиот и финален дел, „Лоџеровата симфонија“. Оние инспирирани од „Лоу“ (1992) и „Хироус“ (1999) ги содржеа клучните рифови од оригиналните албуми и ги користеа како основа за медитации, секоја од нив видена низ специфично „Гласовска“ комбинација на виолончела, виолини, флејти и перкусии. Тие и денес звучат свежо и фрлаат нова светлина врз оригиналниот материјал.
Но според критичарот на Гардијан (кој претходно веројатно присуствувал на некоја специјална изведба за медиумите), третиот дел е разочарувачки и не асоцира на ниту една од мелодиите кои се појавуваат на „Лоџер“ од 1979. Наместо тоа Глас едноставно ги користи стиховите од седум песни за сопствени минималистички занесувања, а пејачката Анжелик Кидџо според освртот звучи „необично додека ги рецитира стиховите на Боуви придружена со тотално несоодветни, меандрирачки мелодии на Глас“.
Со оглед на тоа што композиторот вечерва ќе биде присутен на настанот, коментаторот повикува тој да биде фатен за реверите, да биде протресен и запрашан - што му била (по ѓаволите) поентата со оваа композиција која е „навреда за оригиналните теми на Боуви“. „Ова е дело на арогантен композитор од високото добро утро, кој верува дека нема што да научи од занаетот на правење поп музика. Иронијата, секако е дека на самиот Боуви ова веројатно би му се допаднало“, завршува текстот.
Малку поинаков поглед на американски критичар, по американската премиера од јануари