Приказната започнува со потпишувањето на договор помеѓу Британија и Германија во 1890 за сфери на влијание помеѓу овие империјални сили во Источна Африка; Занзибар потпаднал под британско владеење, додека на Германија ѝ била доделена контрола врз Танзанија.
Со ваквата нова ситуација, Британија го декларирала Занзибар како протекторат на Британската империја и инсталирала свој „марионетски“ султан кој требало да владее во регионот. Хамад бин Тувани, поддржувач на Британците, ја добил титулата во 1893.
Тој владеел со својот релативно мирен протекторат само 3 години, кога на 25 август 1896 ненадејно починал во својата палата. Иако вистината никогаш не се дознала, се верувало дека неговиот роднина, Халид бин Баргаш го отрул.
Ова верување било поддржано од фактот дека само неколку часа по смртта на Хамад, Халид веќе се преселил во палатата и се прогласил за султан, без одобрение на Британците. Секако, тие биле многу вознемирени од развојот на настаните, а главниот дипломат во областа, Бејзил Кејв, бргу побарал од Халид да се повлече. Но овој ги ингорирал предупредувањата и почнал да си ја подготвува војската.
Овие негови сили биле неверојатно добор вооружени, иако треба да се забележи дека голем дел од нивните пушки и топови всушност биле дипломатски подароци доделени на претходниот султан во текот на неговото владеење. До 25 август, Халид веќе имал собрано 3000 луѓе, нешто артилерија па дури и скромно вооружена кралска јахта во блиското пристаниште.
Истовремено, Британците веќе имале два воени брода закотвени во пристаништето, а нивните трупи биле испратени да го бранат Британскиот конзулат и да го оддржуваат мирот помеѓу локалното население. Кејв исто така побарал поддршка од блискиот британски брод Спероу кој влегол во пристаништето вечерта на 25 август. Сепак, британската страна не смеела да преземе ништо без директна согласност од владата, која стигнала следниот ден. Тогаш му бил издаден конечен ултиматум на Халид, кој сепак одлучил да не се повлече. „Немаме намера да го симнеме нашето знаме од палатата и не веруваме дека ќе пукате во нас“.
Но пукањето се случило. Во 9 наутро на 26 август британските бродови во пристаништето почнале да ја бомбардираат палатата. До 09:02 главнината од артилеријата на Халид била уништена, а дрвената структура на палатата почнала да се распаѓа, сосе трите илјади војници внатре неа. Се верува дека точно две минути по нападот Халид избегал низ задниот излез, оставајќи ги слугите и борците сами да ја бранат палатата. До 09:40 бомбардирањето престанало, а султановото знаме била симнато. На тој начин завршила најкратката војна во историјата, од само 38 минути.
Иако звучи како шега, бројката на жртви била зачудувачки голема - над 500 од војниците на Халид биле убиени или ранети, а само еден британски офицер бил тешко повреден, но подоцна се опоравил во болница.
По ова Британците повторно поставиле свој човек, султанот Хамуд, кој владеел следните шест години. Што се однесува до Халид, тој успеал да избега со мала група лојални приврзаници во локалниот германски конзулат, од каде германската морнарица по повеќе од еден месец тајно го пренела во она што денес е Танзанија. Кога Британците ја зазеле Источна Африка во 1916 го заробиле Халид и тој бил одведен на островот света Елена во егзил. Подоцна му било дозволено да се врати во татковината, каде починал во 1927.