Пронаоѓачот на фонографот, Toмас Едисон, бил сосема глув на едното уво, а едвај и да слушал на другото, како резултат на мистериозна болест од детството. За да може да ја чуе тивката мелодија од пијано или од апаратот кој самиот го измислил, тој му се приближувал на дрвото и ги апсорбирал звучните бранови преку черепот. Така можел да ги слушне и највисоките фрекфенции - не ги поднесувал вокалните вибрата, а изјавил дека музиката на Моцарт е навреда за мелодијата. Неговото внатрешно уво било толку чувствително што тон инженерите во негова близина биле вчудоневидени кога тој им укажувал на мали грешки во нивните снимки, како на пример некое квичење на флејта помеѓу дрвените дувачки инструменти.
Ова е само една од контрадикторните карактеристики на Едисон (1847-1931), кој за некого е гениј, за друг измамник, херој на американскиот капитализам или алчно чудовиште, најголемиот изумител во историјата или преценет бел Американец. Нова книга на биографот Едмунд Морис (кој почина во мај оваа година) не се обидува да ги разреши овие дилеми, туку да ги прикаже онакви какви што се - сложени, и често збунувачки.
Барокно детализираниот портрет го прикажува Едисон како мотивиран за пари уште од детството. До својата 13-та година тoj имал развиено бизнис за продавање овошје и весници кој му носел 50 долари неделно или 80.000 долари годишна плата во денешни пари. Речиси целата сума ја трошел на опрема за електрични и хемиски експерименти. Oваа комбинација таленти му останала до крајот на животот - природниот за заработување пари и внатрешниот поттик да се измислуваат нови нешта.
Го изградил првото филмско студио, иако не се интересирал многу за филмовите како за забава. Бил мајстор за односи со јавноста, па сепак често одбивал покани за забави кои би го натерале да си ја напушти лабораторијата. Бил воркохолик чија конечна биографија содржела 1.093 патенти и безброј пронајдоци. Па сепак, најважната негова идеја не било нешто што може да се патентира или да се допре, а парадоксално има врска со кооперативната природа на науката.
Еден од митовите кои ги разбива оваа книга е за Едисон како за осамен гениј. Особено споредено со неговиот ривал, Никола Тесла, кој навистина умрел сам во 1943 на работ на лудило, Едисон рано сфатил дека на генијалците, за да го постигнат својот максимум, треба да се во добро друштво. Кога Њутн напишал дека можел да погледне подалеку „затоа што стоел на рамениците на џиновите“, тој признавал дека науката е тимски спорт, иако тимот на Њутн главно се состоел од мртви луѓе. Овие на Едисон биле многу живи, а тој ги собрал во двокатна куќичка изградена во Менло Парк во 1876. Без овие професионални експериментатори тој веројатно никогаш не би ги материјализирал своите откритија, на пример специјалната Едисонова лампа без Лудвиг Бом, баварски дувач на стакло, или без неговата десна рака, Бачелор, кој ја дизајнирал сијалицата во форма на крушка.
Ваквиот начин на работа уште од почетокот бил уникатен и контроверзен. Комерцијално воопшто не било исплатливо да се одржува и плаќа група професионални пронаоѓачи. Но успехот на тимот на Едисон станал премногу очигледен за да се игнорира, па други компании наскоро го прифатиле истиот метод на работа. Меѓу нив во раниот 20 век била компанијата АТ&T, која со помош на истражувачкиот центар изграден само неколку километри северно од Менло Парк успеала да го патентира транзисторот, ласерот и првата соларна ќелија. Дури и САД, откако Русија го лансирала Спутник, по сличен терк ја основала Агенцијата за напредно истражување, која во 1969 ја поставила техничката основа на интернет.
Иако неговото презиме во меѓувреме станало симбол на индивидуален гениј, Едисон оваа книга го портретира повеќе како многу практичен и бизнис ориентиран пронаоѓач, кој знаел дека вистинската основа на креативноста лежи во соработката со други исто така генијални умови.