Бери Ларкин во таа 1956-та година бил студент по медицина од Мелбурн. Како и другите Австралијци бил возбуден што летната Олимпијада ќе се одржи во неговата земја. Но тој и неговите другари не биле задоволни од еден чин кој ги придружувал игрите, што според нив било традиција поврзана со нацизмот и летните игри од Берлин 1936 - свеченото штафетно предавање на огнот.
Факелот најпрвин требало да помине 29 часа на авион од Атина до Дарвин, каде прв носител требало да биде домородно-австралискиот кошаркар, ѕвездата Били Ларакеја, а потоа низ цела Австралија да помине низ дури 3000 раце. Протоколот предвидувал во еден момент шампионот на Австралија во трчање да го внесе во градското собрание на Сиднеј и да му го предаде на градоначалникот Пати Хилс, кој по одржаниот говор ќе му го предадел на следниот носител.
Ларкин и неговите колеги-студенти од Универзитетот во Сиднеј направиле домашно изработен факел со тоа што зеле дрвена нога од столица, ја обоиле со сребрена боја и на врвот закачиле празна кутија од пудинг од сливи. Како гориво искористиле долна облека натопена во керозин.
Околу 30.000 луѓе тој ден ги исполниле улиците на Сиднеј во очекување на пристигнување на факелот. Пред да пристигне вистинскиот измамниците го запалиле својот и почнале да трчаат. Толпата била збунета, бидејќи целата сцена изгледала пародично. Првиот носител се успаничил кога долната облека паднала од факелот и избегал. Бери, носејќи долги пантолани и кравата (а не бела униформа со шорцеви и маица како што било предвидено), не бил подготвен да ја преземе одговорноста, но го сторил тоа. И полицијата, и толпата, верувајќи дека тоа е официјалниот носител, го испратиле до Градското собрание. Градоначалникот, кога слушнал дека огнот пристигнува порано од предвиденото, се стрчал и почнал да го држи говорот без воопшто да забележи дека сребрената боја од факелот му тече по рацете. Сфатил што се случува дури кога некој од неговите помошници му шепнал на уво. Тогаш на микрофон соопштил дека е во прашање местенка.
Публиката почнала да се бранува. Кога пристигнал вистинскиот носител, Хари Дилон, со исто така вистинскиот факел, толпата веќе била во хаос а полицијата се обидувала да му направи пат за да помине. Морал да се вклучи и армиски камион. Подоцна коментарите велеле дека било вистинско чудо што немало повредени или загинати.
Следеле различни реакции кон преземениот чин. Дел од професорите застанале зад студентите, а инцидентот бил забележан во меѓународните медиуми. Некои од нив го поддржале бидејќи според нив бил „пагански култ“ или „анахроничен ритуал кој нема да ја донесе светлината на мирот во светот“. Но имало и други кои сметале дека ова е резултат на адолесцентска неодговорност и барале остри казни.
Ова сепак не се случило. Бери Ларкин и другарите не биле казнети. Тој станал успешен ветеринарен хирург кој живеел во Мелбурн. Лажниот факел завршил под креветот на негов колега кој го чувал додека мајка му не го фрлила средувајќи ја собата. Четири децении по измамата, другите вклучени во неа биле опишани како „професионалци, столбови на заедницата“.