Најдобрите документарци во 2017

Без оглед дали раскажуваа мали, лични приказни или се обидуваа да ги пронајдат големите вистини во вревата од куп лаги, документарците изминатава година беа бројни и значајни алатки во бесконечната борба за малку реалност во светот на фикции. Еве некои кои според критиката и гледачите беа најдобри.

„Џејн“

Брет Морген до сега беше најпознат по своите филмови за Курт Кобејн, Ролинг Стоунси и за медиумската опседнатост со случајот на О. Џеј Симпсон. Неговиот нов филм е посветен на Џејн Гудал, британскиот приматолог, светски експерт за шимпанзи, која има посветено повеќе од пет децении на истражувања во оваа област. Тој е составен од повеќе од 100 часови снимки, главно од 1960-тите, за кои до сега се сметало дека се исчезнати.

Низ нејзината сопствена нарација, интервјуа, и музика на Филип Глас, тој го опишува нејзиниот пат од националниот парк во Танзанија, каде почнала да работи без факултетско образование,што ѝ овозможило нетрадиционален пристап кон приматите, на пример да ги нарекува по име (до тогаш тие биле означувани со бројка). Една од главните поенти е начинот на кој Гудал се свртила против науката доминирана од мажите во нејзино време, обидувајќи се да го промени сфаќањето не само за природниот свет на шимпанзите, туку и за на оној на луѓето.

„Екс либрис: Њујоршката јавна библиотека“

Филм на Фредерик Висман, кој низ широк опсег на активности, комуникации помеѓу вработените и корисниците на библиотеката и функционирањето на оваа институција пронаоѓа приказни за расата, класата, образованието и искуството. Преку разговори со библиотекарите и читателите тој се обидува да го разбере функционирањето на микрокосмосот на една библиотека, и на животите на луѓето кои работат, читаат или наоѓаат засолниште во неа.

„Работата“

Два пати годишно државниот затвор Фолсон (истото место каде Џони Кеш држеше концерти) организира четиридневни интензивни сесии на затворениците со терапевти и волонтери. Режисерот Џејрус МекЛири го регистрира процесот со многу сензитивност, додека оние кои учествуваат во него душевно се соголуваат, плачат и се кршат. Затворениците се главно од култури во кои искажувањето на чувствата се смета за слабост и „лигавост“, што само ја акцентира нивната реакција. „Ова е работа“, вели еден од нив, „заебана работа“. И точно дека е така, особено кога таа е врамена во година во која доминира токсичната машкост, која според филмот е коренот на голем дел од болеста на американското општество.

„Дејвид Линч: животот како уметност“

Нешто како „портрет на уметникот во младоста“, ова е филм во кој Линч зборува за неговото семејство, почетокот на кариерата како сликар и уметник, и првите чекори во експерименталниот филм. Филмот завршува во моментот кога Линч има дваесет и неколку, и добива стипендија од Американскито филмски институт, по што се сели во Л.А. и неколку години работи на неговото рано ремек-дело „Ирејзерхед“. Бисер за фановите на овој режисер, кои добиваат 20 разговори со него на различни теми.

„Бркајќи го Трејн“

Уште еден биографски филм за легендарниот џезер Џон Колтрејн, кој вклучува изјави од Дензел Вашингтон, Корнел Вест, Бил Клинтон, Карлос Сантана и други. Според зборовите на Вест, овој саксофонист-визионер бил „повеќе термостат отколку термометар“ - не ја мерел музичката температура на своето време, туку ја одредувал. Иако голем број критичари го опишуваат како конвенционален филм за толку неконвенционален уметник, тој е добар преглед на животот и делото на Колтрејн, од средината на 1950-тите, кога тој се придружува на квинтетот на Мајлс Дејвис, од каде е избркан заради дрога и алкохол, па до свежата инспирација која ја црпел кај Телониус Монк пред да формира свој бенд.

„Икар“

Брајан Фогел се обидува да ја дознае вистината за допингот во спортот, без да е свесен дека приказната ќе се трансформира од личен експеримент во геополитички трилер. Фогел на почетокот сака да провери дали aматер-велосипедист како него може со користење стимуланси да победи во аматерска трка. Но откако се запознава со Григориј Родченков, шефот на руската анти-допинг лабораторија, работите нагло се менуваат.

Види и:

Џоан Дидион: средиштето нема да издржи (осврт)
Човекот-делфин (осврт)
Avec l'amour (осврт)

23 декември 2017 - 16:09