Денес, 8 април, над Мексико и Северна Америка се случува целосно замрачување на сонцето. Се очекува милиони луѓе да отпатуваат на места кадешто тоа ќе биде највидливо. Медиумите потсетуваат на легенди и верувања во различни култури поврзани со оваа природна појава, вклучително и такви за чудовишта кои го голтаат сонцето или љубовници кои се среќаваат на небесата.
Во сето тоа сепак има едно кое ни се виде најнеобично, а кое не се припишува на некаква древна култура, туку на современо верување - дека храната подготвена во текот на настанот не смее да се јаде бидејќи е радиоактивна.
Ова очигледно е толку раширено што НАСА нашла за сходно да го отфрли митот на својата официјална страница. „Ако е тоа точно, истата радијација би влијаела врз сета храна која се чува дома или која расте по нивите“, се вели во соопштението. Базичната идеја е дека целосните затемнувања се вознемирувачки, а нивните зелени корони изгледаат морничаво, па некако му доаѓа природно околу настанот да се плетат страшни приказни и да се бараат коинциденции. „Така, и ако некој се затруе со храна токму на овој ден - размислете за сите останати на истата локација на кои еклипсата не им влијаела на овој начин“, се вели во објавата.
Затемнувањето во живо може да се следи тука