Најбруталниот филм на Хичкок кој никогаш не бил снимен

Бил инспириран од реален случај на сериски убиец. Но визијата на славниот режисер била оценета како премногу насилна и сексуално експлицитна за неговото време. Така, „Калеидоскоп“ останал само на хартија.

Хичкок е веројатно најпознат по антологиската сцена во „Психо“, каде маж облечен како неговата мртва мајка боде жена додека таа се тушира. Публиката во 1960-тите кога филмот е прикажуван биле трауматизирани. И не само од оваа, туку и од други сцени во неговите психолошки хорор филмови.

Но еден од нив за жал никогаш не бил снимен, затоа што бил уште порадикален. „За жал“, затоа што да бил реализиран сега би славеле 50-годишен јубилеј на едно револуционерно дело. Или барем така се зборува во добро упатени филмско-историски кругови. 

Филмот требало да влезе во продукција во 1967. Хичкок само што го добил почесникот Оскар, а речиси истовремено била објавена и книгата на интервјуа со него на Франсоа Трифо. Неговото место во пантеонот на големите режисери на сите времиња било обезбедено. Од друга страна, „Марни“ и „Скинатата завеса“, неговите последни две остварувања, го немале очекуваниот успех, а критичарите го нарекувале режисерот „уморен“. Нешто морало да се случи, и тоа брзо.

Во 1964 Хикок авторизирал сценарио инспириран од двајца англиски сериски убијци кои биле обесени во 1940-тите, Невил Хит и Џон Џорџ Хеј. Филмот на некој начин требало да биде „приквел“ на „Сенка на сомнежот“ од 1943. Таму Џозеф Котен го игра таканаречениот Убиец на весели вдовици, но на екранот не се гледа никакво убиство. Хичкок сметал дека дошло времето да биде поексплицитен и да го направи серискиот убиец централен лик.

Режисерот го замолил Роберт Блох, авторот на „Психо“, да напише роман базиран на неговата идеја, кого потоа би го адаптирал за филм. Но неговиот соработник сметал дека материјалот е „премногу вознемирувачки“, па Хичкок го побарал истото од неговиот стар пријател Бен Леви. Овој без размислување прифатил. И не само тоа - се договориле дека една од сцените на заведување помеѓу убиецот и неговата жртва треба да биде „најкрвавата која некогаш била снимена“. Локацијата требало да биде Њујорк, а манијата на убиецот требало да биде поттикнувана од поглед на вода - на водопад, на пристаниште и на рафинерија за нафта. Многу години пред „Ноќ на вештерките“ и „Тексас масакр со моторна пила“, овие сцени требало да бидат шокантни на потополно нов начин и за Хичкок, и за хорор жанрот воопшто.

Но извршните директори на MCA/Universal не го делеле ентузијазмот на авторите. И покрај тоа шт подготовките стигнале далеку, до таму што Хичкок имал детално сценарио со 450 различни позиции на камерата, тие го одбиле и му рекле дека не дозволуваат воопшто да се почне со снимање.

Некои од концептите влегле во „Френзи“ од 1972, но тој е сепак конвенционален споредено со она што Хичкок го планирал. Освен тоа, американската кинематографија до тој момент веќе била во тек со европскиот „нов бран“ и неговите иновации, така што шансата Хичкок да му покаже на Холивуд колку е авангарден била пропуштена. Да бил снимен, Калеидоскоп можел да биде „најхичкоковскиот“ негов филм.

22 јуни 2018 - 14:31