Гај Апулеј Диокле си ја знаел работата. Не морал да победи, доволно било да преживее. Седум круга, 12 натпреварувачи. Она што ќе се случело тој конкретен ден на тркачката стаза одредувало дали ќе се трка уште еден ден или можеби ќе настрада под коњските копита.
Таква била суровата логика на Циркус Максимус, древниот стадион на кој се одвивале трките со кочии, на задоволство на 150-те илјади фанови што го исполнувале до последното место. Диокле дебитирал како тркач кога имал 18 години, а најчесто возел „квадриги“ - кочии со четири коњи. Се натпреварувал сам, претставувајќи три од четирите најпознати одгледувачници на коњи во Рим, познати по нивните бои (црвена, бела, сина и зелена). Започнал со Белите, а потоа се префрлил кај Зелените, кога доживеал некоја повреда. Со нив останал само 3 години, а следните 15 возел за Црвените. Во неговата неверојатно долга кариера од 24 години имал 1462 победи. Срушил неколку рекорди, а неговата најчеста стратегија била да се влечка до последната минута, за потоа одеднаш да ги напне коњите до последниот атом. Кога се пензионирал имал 42 години и се населил во малото но убаво гратче Пренестe (денес Палестрина, во регионот Лацио).
Неговите победи му донеле 35.863.120,00 сестерци, доволно пари за да се платат личните доходи на 29.885 римски легионери годишно. Да сакал, можел да има приватна армија. Иако голем дел од приходот одел за неговиот менаџерски тим или за неговите сопственици (не е јасно дали на почетокот бил роб или слободен граѓанин), со ваквата заработувачка тој лесно се кандидира за најбогат спортист на сите времиња - денешни 15 милијарди долари, седум пати повеќе од она што го има заработено Мајкл Џордан.
И покрај ова, Диокле е заборавен од историјата. Она што останува од него е статуа подигната во негова чест на Циркус Максимус. Можеби тоа е затоа што не бил секогаш победник, туку едноставно ветеран кој успевал да опстане. За споредба, Фускус, славен тркач со кочии, успеал да победи во 53 трки до 24-годишна возраст, кога починал, најверојатно на самата тркачка стаза. Доколку неговата кариера продолжела и траела исто толку долго, 24 години, и тој веројатно би победил во 1272 трки, речиси исто како и Диокле.
Што се однесува до тоа каде отишле парите, тоа не е сосема јасно. Денес можат да се купуваат компании, да се оди на луксузни одмори, да се вложува во недвижнини, но во времето на древен Рим богатството било повеќе знак на висок социјален статус отколку нешто што можело лесно да се потроши. Изгледа дека тој и не бил нешто многу-многу заинтересиран да биде во елитно друштво, да нарачува епови во своја чест или да нарачува скулптури од самиот себе. Можеби токму затоа, вистинската приказна за него ја нема во историјата - останува легендата за кочијашот со најдолга кариера која тежела илјадници килограми злато.