Најбавните (а славни) писатели

Во свет кој ја цени брзината, па и во пишувањето и издавањето книги, за публиката случајно да не го заборави, бавниот писател учи да ја толерира неизвесноста која оди рака под рака со долгите проекти. Можно ли е да се исклучи вревата на сомнежот додека лежерно се троши времето на лангзам пишување?

Автор на ракопис кој е во изработка од 2008, најпрвин како збирка раскази а сега како роман, во списанието The Millions раскажува како почнал да се интересира за феноменот на бавното пишување. Тој е почест отколку што мислиме, бидејќи „крчкањето“ на книгите знае да се одвива со години, па и со децении (само што кога ќе излезе не сме свесни за тоа). 

Бавниот автор ја прифаќа непредвидливата хронологија, разбирајќи ја не како фрустрација туку како можност за отвореност и откритија. Како што му рекол Толкин на Один, а во врска со 12-те години кои ги поминал пишувајќи ја „Господарот на прстените“ - „Сретнав многу нешта на патот кои ме восхитија“. 

Но светот знае да биде нестрплив со бавните писатели. Една деценија откако Џефри Еугенидес ја објавил „Среден пол“ (за која пишувавме тука) критичарот на Њујорк Тајмс напишал: „Ова беше долго, осамено бдеење. Речиси и да заборавивме дека Џефри е тука“. Го замислуваме писателот во монашка осама, кој не е веќе коментатор на настаните во реално време туку си дозволува тие да слегнат и да се втопат во големото, универзално време. 

Книгите познати по тоа што биле пишувани долго - 10, 20 години или повеќе - ги надминуваат своите жанрови, должината и ерата во која се пишувани. „Ловец во р'жта“, 10 години. „Пачинко“ на Мин Џин Ли, 28 години, а 11 за нејзината дебитантска, „Бесплатна храна за милионери“. Џон Стајнбек правел белешки за „Источно од рајот“ 11 години пред да ја напише во тек на една година. 

Како за сето ова време писателот одржува концентрација на таа една тема? Некои од нив објавуваат парчиња, за така да се држат во кондиција и себеси и читателите. Други размислуваат за нештата во „позадина“ додека пишуваат други, пократки текстови, бидејќи од нешто треба и да се живее. Освен тоа, во тек на подолг период и во приватниот живот на писателите се случуваат нешта кои можат да го сменат наративот и атмосферата. Така, додека ја пишувал „Среден пол“ на Еугенидес му починал татко му, а му се родила ќерката, па оттаму и преокупацијата со семејната историја и генетиката која е во центарот на книгата. Оваа синергија може да ја замати линијата помеѓу животот и уметноста и да направи завршувањето на книгата да не е вистинскиот крај. 

22 март 2024 - 08:09