- Организаторите на овој Саем имаат редовна загарантирана поддршка од Министерството за култура, и дополнителен приход од закупнината и влезниците. Како што тоа обично бидува кај нас, овие факти ги ставаат во комфорна позиција, а организацијата ја туркаат по инерција. Како воопшто да немаат сензибилитет за важноста на овој Саем кој е повеќе од техничка смотра на која треба да се одржи, колку да се одржи. Со години се премолчува и се шушка меѓу издавачите, авторите, посетителите, но како да се помирени и ете благодарни, што имаме каков-таков Саем, пишува Ана Василевска за НоваТВ.
- На плакатот за саемот, зелените ливчиња и трева во позадина и жена со книга во раце-илустрација како од бонбониерите во 70-тите. На толку дизајнери па и веќе готови темплејти, да ја одбереш „бонбониерата“ за лице на настанот, навистина треба да си многу незаинтересиран за впечатокот во јавноста.
- Во меѓувреме додека времето оди напред, имаме генерации на млади луѓе образувани во странство за културен маркетинг, менаџмент во културата, за новини во издаваштвото. Тие треба да добијат шанса да ја преобликуваат атмосферата во духот на новото време.
- Еден од најважните автори во современата македонска уметност, Родољуб Анастасов, почина вчера, во Скопје. Фондацијата „Родољуб и Јустина Анастасов“ соопшти дека тој починал во 91. година од својот живот.
- Анастасов беше професор од првата генерација на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ). Тој бил ученик на Лазар Личеноски, Димитар Пандилов и Васил Коџоман, а во 1962 дипломирал на Уметничката академија во Белград. Од 1980 година до пензионирањето беше професор на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје.
- Во 2011 година, Анастасов му подари на Музејот на Град Скопје збирка од вкупно 389 дела, a Музејот именуваше една од галериите „Јустина и Родољуб Анастасов“, каде што секоја година се отвора поставка со дела од колекцијата и која често и самиот ја посетувал. Последната изложба на Анастасов со нови дела беше во Музејот на Град Скопје, во јули 2023, насловена „Визии – глава полна со луѓе“, со над 200 портрети, насликани во периодот 2016-2022.
- Проектот „Сликите на вкусот“ објавува отворен повик за млади уметници и фотографи на возраст од 18 до 35 години од Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија. Тој не бара само естетски фотографии од храна, туку визуелни приказни за ритуалите: месење леб, одење на пазар, семејни трпезарии и традиционално производство на вино и ракија. Целта е преку објективот да се документираат односите што се градат околу заедничката трпеза.
- Финалните трудови ќе бидат претставени на голема регионална изложба во Скадар, Албанија, во мај 2026, каде што македонските учесници ќе ги изложат своите дела заедно со врсниците од регионот – соопшти Mеѓународниот фестивал на алтернативна фотографија. Локален партнер одговорен за спроведување на проектот во Македонија е Фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“.
- Избраните учесници ќе имаат можност да ги развиваат своите концепти под директно менторство на Сашо Алушевски (Македонија) и Звездан Манчиќ (Србија). Програмата ќе се реализира во април и мај преку хибриден модел на осум работилници, кои вклучуваат работа на терен, индивидуални сесии и онлајн-менторство.
- Повикот е отворен до 10 април 2026. Заинтересираните може да аплицираат со фотосерија, есеј или со архивски материјали или со проектна идеја/концепт, кој допрва би го развивале. Апликацијата треба да содржи кратка биографија, опис на концептот и до 15 фотографии. Предлозите се испраќаат на photofestgrain@gmail.com.