Владимир Набоков бил голем љубител на спортот - фудбалот, тенисот и шахот - но земал и часови по боксување од, како што се вели во неговата автобиографија, „прекрасниот гумен Французин, г-дин Лустато", и се натпреварувал во овој спорт како студент на Кембриџ. Во 1924. објавил песна со наслов „Девојката на боксерот", а една години подоцна боксерскиот меч во тешка категорија помеѓу Германецот Ханс Брејтенстретер и Баскиецот Паолин Узкунд пред публика од 15,000 луѓе во Палатата на спортовите во Берлин го инспирирал да го објави својот прв текст под прозаичен наслов: Брејтенстретер - Паолино. Набоков го следел мечот во Берлин каде емигрирал од Советскиот сојуз. Текстот излегол во латвијскиот емигрантски весник Слово, па бил заборавен, и повторно откриен во 1990-тите.
Тој почнува со едноставна теза: сите добри работи во животот можат да се сведат на игра. Спортовите според него се токму таков, посебен вид игра, кои го комбинираат натпреварувачкиот дух со дисциплината и посветеноста во тој натпревар и да се победи.
Мечот за кој пишува Набоков не бил неизвесен - малиот Германец се борел до деветата рунда кога огромниот, црн Паолино успеал да го нокаутира. Но она по што текстот е интересен се поетските споредби - така, Брејтенстретер се движи како „коњ по црн мраз", а на крајот лежи на подот на рингот „свиен како перек". Посебен ефект има и интерпункцијата, која се обидува да го следи ритамот на борбата - ударот кој се очекува и екплозијата која следи. Текстот е всушност тест колку далеку може да оди уметноста во формализирање на оние делови од животот кои изгледаат најотпорни на една таква постапка. Притоа, боксот е веројатно добар избор.
Тешко е да се каже што би рекол Набоков за денешниот спорт, ултимејт фајтинг-от и современите медиумски покривања на спортските настани. Нам секако фино би ни дошле малку пошарени стилски фигури во нив од веќе досадната хипербола „го оставија срцето на теренот".
Целиот текст на Набоков на англиски тука.