Седењето на јарбол е токму тоа: човек (добро, не баш ние) се качува на врв на исправен стап, најчесто на прометно место во градот, тестирајќи ја својата издржливост и имунитет на вртоглавици со тоа што седи таму цврсто држејќи се до тоа малку што го има за држење.
Трендот започнал во Холивуд во јануари 1924, кога поранешен морнар, боксер, работник во железара и каскадер, Алвин „Бродолом“ Кели, бил најмен да седи на јарбол како реклама за нов филм. Кели, чиј прекар бил инспириран од неговите сомнителни изјави дека го преживеал Титаник, ги воодушевувал присутните со тоа што дремел на високиот јарбол цели 13 часа и 13 минути. Ова очигледно привлекувало внимание, и откако еднаш медиумите се заинтересирале, на Кели почнале да му пристигнуваат понуди од сите страни да го повтори истото.
Наскоро тој не бил единствениот. Други мажи, но и жени и деца почнале да се пентарат по стапови. Извесна Боби Мак, млада жена од Лос Анѓелес; Џо „Холд ’ем“ Пауерс, кој седел цели 16 денови во Чикаго во 1927 и се симнал со шест заби помалку кога бура го треснала со стапот по лице и Бил Пенфилд, кој седел на стап 51 ден додека невреме не го приморало да се симне. Во 1928, 15-годишниот Ејвон Форман од Балтимор воспоставил младински рекорд со 10 денови, 10 часа, 10 минути и 10 секунди. Градоначалникот го пофалил потфатот со зборовите: „Овој пионерски дух наликува на оној на раната Америка“.
Сепак, само Кели успевал и многу да заработи од оваа „професија“. Дури и кога веќе не го држел рекордот, тој бил амбасадор на бизарниот спорт. Имал турнеја низ 28 градови, привлекувајќи огромни толпи кои ги блокирале улиците и се качувале на покриви за да го видат подобро. Врвот на кариерата (буквално) го достигнал во 1930, кога издржал на стап издржал 49 дена и еден час на висина од речиси 70 метри. Потфатот бил посведочен од ни помалку ни повеќе туку 20.000 набљудувачи. Во текот на сите овие настани заработувал околу 100-500 долари дневно, од спонзори но и од набљудувачите кои учествувале со по некој цент.
Наскоро Големата депресија ставила крај на седењето на јарболи. Кели завршил во беда, умирајќи од срцев удар во 1952 на возраст од 59 години. Неговото тело е најдено во Њујорк - под мишката имал тетратка со залепени исечоци кои сведочеле за неговите некогашни шампионски подвизи.