Исландскиот збор за компјутер е tölva, комбинација на tala, што значи број и völva, пророчка. Веб прелистувач е vafri, изведенка од глаголот „талка“. Подкаст е hlaðvarp, нешто што се полни и споделува. Ваквата креативност го прави исландскиот јазик специфичен: неговата сложена граматика останува иста како и пред еден милениум, но истовремено тој е подготвен да излезе на крај со предизвиците на 21 век.
Сепак, колку и да е инвентивен и жилав, и колку и да претставува основа за националниот и културниот идентитет на Исланѓаните, него денес го зборуваат само 340.000 луѓе, а Сири и Алекса не се меѓу нив. Во време на паметни телефони, гласовно препознавање и дигитални лични асистенти, јазикот на исландските саги, истиот на кој пред 1200 години пред нашата ера се пишувало на животински кожи, пропаѓа во океанот англиски.
Според професор по лингвистика на Универзитетот на Исланд, Еирикур Ренгвалдсон, ова е појава на тн. „дигитална миноризација“, кога мнозински јазик во реалниот свет станува малцински јазик во дигиталниот. Малите Исланѓанчиња веќе зборуваат англиски меѓу себе, а некои од нив на вербални тестови велат дека знаат како гласи зборот за нешто што им се покажува на слика, но не го знаат и на исландски.
Ним овој јазик им е само формално мајчин, а всушност целото детство го поминуваат во англиски дигитален свет. И ова секако не е единствен случај со исландскиот - на најмалку 21 европски јазик не му се пишува добро во дигиталното доба, а меѓу нив освен исландскиот се и летонскиот, литванскиот и малтешкиот. Жителите на овие земји ем во просек одлично го владеат англискиот, ем не гледаат корист од сопствениот јазик кога одат во странство. Истовремено, во Исланд годишно пристигнуваат скоро 2 милиони странски посетители, а имигрантите чинат 10% од населението, што петкратно зголемување во однос на состојбата од пред две децении. Ним тешко им оди учењето исландски, кој има три рода, четири падежи и шест форми на глаголи. Бидејќи мигрантите често работат во услужните дејности, Исланѓаните имаат проблем да нарачаат нешто во ресторан на својот јазик ако сакаат да бидат прецизно разбрани.
Но во дигиталниот свет работите стојат уште полошо. Освен Гугл, кој затоа што има вработено инженер од Исланд има додадено ислански препознавач на говор на својот Андроид систем, интернет гигантите немаат никаков интерес да понудат исландска опција за толку мал број луѓе. Дигиталната поддршка на исландскиот за Епл или Амазон значи пари и ресурси кои ним не им се исплати да ги вложуваат.
Исландската влада во следните пет години ќе издвои скоро 4 милиони евра за јазична технологија и материјали за слободно користење кои би им стоеле на располагање на програмерите, но сепак предизвикот - од апликации до социјални медиуми и самоуправувачки автомобили - може да е преголем.
Извор: Гардијан
Бонус: 100 најдобри работи кои можете да ги правите на Исланд