Доналд Триплет, првиот човек во историјата дијаностициран со аутизам, почина минатата недела во својот дом во Форест, Мисисипи, на возраст од 89, од рак. Станал познат во медиумите поради својот аутизам на поодмината возраст, со што станал лицето на напорите да се истражат животите на постарите лица со оваа состојба.
Бил роден како Доналд Греј Триплет на 8 септември 1933 во богато семејство. Како дете, според зборовите на татко му, бил најсреќен кога бил сам, затворајќи се во себе, без да забележува што се случува околу него. Бил испратен во државна институција за деца во Мисисипи во 1937.
Неговите родители, жалејќи за одлуката, после една година и покрај спротивните совети од докторите го вратиле дома и го однеле кај психијатарот Лео Канер во Универзитетот Џонс Хопкинс во Балтимор. Таткото, Бимон Триплет, кој бил познат по тоа дека е многу прецизен и детален (до тогаш имал два нервни слома), на докторот му испратил 33 страници забелешки за начинот на однесување на момчето и неговата животна историја, вклучително и тоа дека Доналд „м’мкал и пеел точно голем број мелодии“ на 1 година и дека понекогаш имал емотивни сломови доколку некој му ги прекинел активностите. Овие податоци се содржани и во револуционерната статија на Канер објавена во 1943, под наслов „Аутистични пореметувања кои се дожат на афективен контакт“. Триплет бил едно од 11-те деца кои докторот ги опишал во овој текст, како „Случај број 1“ или „Доналд Т.“.
На возраст од 9 години, Триплет заминал да живее со семејство на фарма релативно блиску до својот дом. Селаните немале деца па тој им бил уште една рака за работа, копајќи бунари и броејќи редови пченка додека орал. Тука поминал четири години по што матурирал и завршил факултет, француски и математика, а пеел и во хор. По дипломирањето се вратил да живее со родителите. Како возрасен бил ентузијастичен патник и работел како книговодител во локална банка.
Иако обајцата родители му починале во 1980-тите, тој останал да живее во куќата кадешто пораснал, во релативна изолација, до моментот кога двајца новинари не го побарале „Случајот број 1“, врз основа на стари медицински досиеа.
Резултатот бил статија во Атлантик од 2010 - кој го опишува животот на Трилпет како пензионер кој сака да игра голф. Неговата приказна е опишана од истите новинари во книгата од 2016, „Во различна скала: приказната за аутизмот“, која беше финалист за Пулицер и врз чија основа е направен и документарец прикажан во 2022.