На 22 април, Меѓународниот ден на Земјата: како се поврзани јазикот и климата

Светот почнува да станува неподносливо топол. Во летните месеци се случува школки на плажите на Калифорнија да се варат во сопствените оклопи. Купишта отпад се палат „од ништо“ и предизвикуваат огромни шумски пожари. Во меѓувреме, 90% од американските домови се ладат со клима уреди. Огромно количество енергија е потребно за да се избегне климатската реалност. Но изгледа како голема енергија да се вложува и во употреба на јазик кој ќе одбегне да нè алармира за истата. 

Терминот „климатски промени“ бил популаризиран од републиканскиoт политички консултант, Френк Лунц, познат (или озлогласен) по промовирањето таков тип на речник кој влијае врз американското јавно мислење. Негова измислица е терминот „данок на смрт“ наместо „данок на имот“ за федерална такса што треба да ја плати оној кој наследува нешто од починат. Климатски „промени“, пак, е всушност еуфемизам за она што навистина се случува а тоа е глобалното затоплување, што предизвикува анксиозност и страв. 

Се уште се одвива дискусија околу тоа дали е продуктивно реално застрашувачките докази да се преточат во јазик кој оправдано ќе го поттикнува ова чувство. Некои медиуми, како на пример Гардијан, се обидуваат да го променат лажниот пасивно-неутрален јазик кој го користат известувајќи за животната околина. Во соопштение кое весникот го издаде во мај 2019 поврзан со сопствениот стилски водич, беше наведено дека од тој момент наместо „климатски промени“ преферирани термини за неговите вработени ќе бидат климатска итност, криза или распад. Но дали ваквите јазични интервенции навистина влијаат врз свесноста на публиката?

На прв поглед може да изгледа дека јазикот нема многу врска со природата и околината. Но лингвистите долго време се заинтересирани за „еколингвистика“, дискурс што го користиме кога зборуваме (на кој и да е јазик) за проблемите со животната околина. Нашата еколингвистика може да ги разоткрие антропоцентричните убедувања, дека луѓето се специјални суштества одделени од остатокот од природниот свет и дека неограничениот развој и човечката експлоатација на природните ресурси е нормална. Користењето неизброена множина во голем број јазици за ресурси како вода, воздух, енергија и сл. сугерира дека тие се неисцрпни. Кога зборуваме за автомобил тогаш кажуваме колку тој е брз (не колку е бавен), колку некоја зграда е висока (не колку е ниска), и на тој начин фаворизираме дискурс кој се фокусира на растот и големината како на нешто посакувано. Генерално не ги забележуваме овие идеолошки претпоставки, но нашиот јазик открива како го гледаме светот. 

Освен тоа, лингвистите имаат пронајдено силна корелација помеѓу биодиверзитетот и лингвистичкиот диверзитет. Ние сме среде процес на масовно истребување на биолошките видови, а главна прчина за тоа е деструктивната човечка активност. Но во исто време додека се намалува биолошкиот, се губи и лингвистичкиот и културниот диверзитет. Ова според многумина не е случајно. Студии покажуваат дека најбогатите локации од аспект на биолошки диверзитет, од Нова Гвинеја до шумите на Западна Африка, се истовремено и места каде наидуваме на најголем лингвистички и културен диверзитет, уникатен за овие региони. Овие две нешта одат рака под рака. Всушност, од шесте илјади преживеани јазици во светот, речиси пет илјади се лоцирани во региони кои имаат висок биодиверзитет. Комплексните биолошки средини се поврзани со подемот на лингвистички различни популации, често мали домородни заедници со многу мал број говорници кои се уште го практикуваат јазикот. 

Ова е логично ако се земе предвид дека особено европската енкспанзија на населението, нивните растенија, болести и јазици, биле причина за загрозување и на биолошкиот и на културниот диверзитет. Истражувачите сметаат дека постоечките културни традиции на домородните групи, нивната економија и управувањето со нивните локални животни средини во поизолирани региони овозможиле преживување на биодиверзитетот. 

Ваквата корелација сугерира дека природниот свет е од суштинско значење за човечкото искуство. Па сепак, голем број од нас одбираат да живеат како тоа да не е така. 

извор 

22 април 2023 - 12:06