На 100 години почина изумителот на караокето

Неговото име е Шигеичи Негиши, кој кога имал 40 години дошол до идеја да го произведе она што денес го подразбираме под караоке машина, која тогаш се викала Спарко бокс. Професионалните музичари остро реагирале на нивната „замена“, исто како што тоа денес го прават со ВИ.

Изумителот на првата комерцијално достапна караоке машина, Шигеичи Негиши, починал во Јапонија на 100 години. Тоа се случило на 26 јануари, но семејството ги информирало медиумите дури неодамна, на 14 март. 

Негиши имал околу 40 години кога го измислил „Спарко бокс“, апарат кој пуштал музика по избор со паричка на која можело да се пее. Неговиот мотив била забелешка на колега во компанијата за електроника кадешто работел, дека не го бива за пеење. До 1967, кога се појавил првиот Спарко, пеењето налик на караоке вклучувало позадинска музика пуштана на касети со инструменталки или ангажирање бендови во живо.

Колку и да биле задоволни аматерите, изумот наишол на остра реакција кај професионалните музичари. Во книгата „Чист пронајдок: како Јапонија го создаде модерниот свет“ на Мет Алт, авторот коментирајќи ја караоке машината вели: „Таа е морничав претходник на дебатата која се одвива денес, за влијанието на вештачката интелигенција врз уметниците“.

Првиот Спарко бокс вклучувал осум траки од комерцијално достапни инструментални снимки, а стиховите биле отпечатени во брошура. Бизнисот наишол на проблеми и Негиши го затворил во 1975. Но тој никогаш не обезбедил патент за својот пронајдок. 

Иако тој бил првиот, многумина ја припишуваат караоке машината на музичарот Даисуке Иноуе, кој независно си направил своја во 1971. Предноста на оваа била што имало верзии во различни тоналитети на една иста песна, за да одговараат на гласовните можности на повеќе аматери. 

Негиши бил роден на 29 ноември 1923 во Токио. Татко му бил функционер, а мајка му водела трафика. Студирал економија на Токискиот универзитет. Се борел во редовите на јапонската армија во текот на Втората светска војна и поминал две години во логор по јапонскиот пораз во Сингапур. Ослободен во 1947, тој направил добра кариера во електронската индустрија која доживеала подем во Јапонија по војната. Откако се пензионирал на 70 се фокусирал на своите хобија, правењето кошници, вајањето и - пеењето караоке. 

извор

18 март 2024 - 10:11