Доктор Шевалие Кихот Џексон (1865-1958) бил познат отоларинголог од Филаделфија, кој развил посебни методи и алатки за отстранување туѓи тела од човечките дишни патишта. Неговата збирка вклучува точно 2.374 инхалирани или голтнати предмети кои тој им ги извадил на пациентите од грло, хранопроводник и бели дробови во текот на својата речиси 75-годишна кариера.
Тој водел многу прецизен каталог на секој предмет којшто го отстранил од пациентите, затоа што сметал дека ваквата информација би им била корисна на други доктори. Бронхо-езофагологијата тогаш била во раните стадиуми на развој, па ова било начин студентите и лекарите да научат што да очекуваат кога изведуваат бронхоскопија.
Неговите белешки ги содржеле возраста и полот на пациентот, типот на туѓо тело (oд поинтересните ги издвојуваме неколкуте голтнати златни заби или делчиња од играта Монополи), каде било истото пронајдено, дали била употребена анестезија и колку време било потребно за екстрахирање на предметот. Над 80% од пациентите биле под 15 години. Тој исто така бил промотор на задолжително обележување со посебна етикета на сите отровни или корозивни супстанци во слободна продажба. Поради неговите упорни кампањи во оваа смисла, Американскиот конгрес во 1927 го изгласал Федералниот закон за каустичен отров, кој има спасено голем број деца од сериозни повреди или смрт.
Поради своите активности, Џексон е наречен „татко на ендоскопијата“. Неговата збирка е дел од Музејот Мутер во Филаделфија.