Во поранешно депо за оружје и муниција, во тврдина на работ на градското јадро на Берлин, се одвива необична изложба на оштетени, отфрлени или демонтирани статуи од средниов век преку нацизмот до комунизмот. „Разоткриено: Берлин и неговите споменици“ е музеј кој во минатите осум години фрла светлина врз тоа како се одвивала и редефинирала германската историја. Па сепак, малкумина жители на Берлин имаат слушнато за него.
Цитаделата за којашто станува збор се наоѓа во Шпандау, каде четириесет години по Втората светска војна беше затворен Рудолф Хес. По неговото самоубиство во 1987, затворот беше срушен за да се спречи да стане нео-наци „храм“, а на негово место денес има супермаркет.
Директорот на цитаделата, Урте Еверт, складира статуи кој никој не ги сака. Во склоп на самата изложба има мапа која покажува каде биле нивните оригинални локации. Голем број од нив се од централниот парк во Берлин, Тиергартен, на пример статуи од Фридрих Вилхелм Трети и неговата жена, кралицата Луиза, потоа споменици од генерали, мислители како Имануел Кант и природонаучникот Александар фон Хумболд.
Од поновата историја тука е огромната глава на Ленин, од споменик кој во декември 1991 градоначалникот на реунифицираниот Берлин одлучил дека треба да се „скине“. Некогашната статуа била гигантска, висока 19 метри, а поставена за да се одбележи стогодишнината од раѓањето на советскиот политичар. Расклопувањето воопшто не одело мазно - бетонот се покажал прејак. Морало да се смени фирмата, која го поделила сиротиот Ленин на 129 делови и го закопала во шума во Мугелхајм, југо-источно од градот. Но неговата четиритонска глава сепак си го нашла патот во оваа изложба.
Таа сепак не се фокусира исклучиво на Третиот рајх или на некогашна ГДР. Една од статуите е на Албрехт фон Баленштед, попознат како Алберт Мечката, првиот локален принц, „колач“ на Словени. Откако била инаугурирана од царот Вилхелм Втори во 1903-та, статуата постојано е шетана од едно место на друго, а сега е на куп со други „лустрирани“ славни личности во цитаделата Шпандау.