Истражување на тим научници од универзитетот МекМастер во Канада покажува дека кога глуми, актерот се потиснува себеси, односно е во ситуација во која ликот го „поседува“.
Во статија објавена денес, 13.03 под наслов „Невронаука на Ромео и Јулија: магнетна резонанца на глумата“ се изнесени резултати од испитување на 15 актери, главно студенти по глума, кои ја вежбале улогите на Ромео, односно на Јулија за театарска работилница. Тие биле ставени во скенер за магнетна резонанца, и биле замолени да одговорат на различни прашања, и тоа од неколку перспективи: од сопствената, од перспектива на близок пријател или од перспектива на Ромео односно Јулија. Исто така од актерите кои се инаку Канаѓани било побарано да одговорат на прашање од сопствена гледна точка, но со британски акцент.
Резултатите покажуваат дека мозочната активност зависела од сценариото кое се тестирало во моментот. Притоа, некои нејзини аспекти биле очекувани, но една работа отскокнувала: тоа што кога актерите одговарале како да се ликовите од драмата се пасивизирале, односно деактивирале, два региони од префронталниот кортекс поврзани со чувството за „јас“.
„Деактивацијата е поврзана со намалување и супресија на знаење за сопствените карактеристики, и ова ни кажува доста за тоа што значи да се глуми“, изјавил доктор Стивен Браун, раководител на истражувањето. Слична ситуација се појавувала кога актерите го менувале акцентот иако одговарале од сопствена гледна точка, што ја поддржува идејата дека некои методи и гестови можат да бидат корисни за влегување во улогата.
Сепак, кога одговарале како Ромео и Јулија актерите исто така покажале зголемена активност во област наречена прекунеус, која е поврзана концентрацијата и вниманието. Ова значи дека тие некако ја „делат“ свеста, бидејќи истовремено мораат да се набљудуваат себеси за евентуално да се корегираат, но и да бидат внатре во улогата.
Иако според ова излегува дека актерите се потиснуваат себеси за да бидат некои друг, вистината е веројатно покомплексна отколку што тоа може да го долови снимка од магнетна резонанца - деактивирајќи делови од себе тие можеби активираат други, кои до тогаш биле некаде длабоко запретани.