Од сè што човек во неговиот животен нагон крева и гради, ништо во моите очи не е подобро и повредно од мостовите. Тие се поважни од куќите, посвети, поопшти од храмовите. Сечии, и кон сите еднакви, корисни, изградени секогаш смислено, на место на кое се вкрстуваат најголем број човечки потреби, тие се поистрајни од други градби и не му служат на ништо што е тајно и зло.
Големите камени мостови, сведоци на исчезнати епохи кога поинаку се живеело, мислело и градело, сиви или поцрнети од ветерот и дождот, често поткршени на остро изрежаните агли, а во нивните фуги и незабележливи пукнатини расте тенка трева или се гнездат птици. Тенки железни мостови, затегнати од еден брег до друг како жица, што треперат од секој воз кој ќе проита; оние кои како уште да го чекаат својот последен облик и своето совршенство, а убавината на нивните линии целосно ќе им се откријат дури на очите на нашите внуци. Дрвени мостови на влезот на босанските гратчиња, чии изглодани греди поигруваат и ѕвечкаат под копитата на селските коњи како штички од ксилофон. И најпосле, оние сосема мали мостчиња по планините, всушност едно единствено поголемо дрво или две плочи заковани една до друга, префрлени преку некој горски поток кој без нив би бил непреминлив. По два пати во годината горската вода ги носи овие стебла кога ќе надојде, а селаните, слепо упорни како мравки, сечат, обработуваат и поставуваат нови. Затоа крај планинските потоци, во каналичињата помеѓу карпите, често се гледаат тие бивши мостови, лежат и скапуваат како и останатото дрво случајно донесено од водата, но тие измазнети парчиња дрво осудени на оган или на скапување, се издвојуваат од останатиот нанос и се уште потсетуваат на целта на којашто ѝ служеле.
Сите тие во суштина се едно и еднакво вредни за нашето внимание, затоа што укажуваат на местото на кое човек наишол на првата пречка и не застанал пред неа, туку ја совладал и ја премостил како што можел, според своето сфаќање, според вкусот и приликите со кои бил опкружен.
Така, секаде на светот, каде и да тргне или каде и да застане мојата мисла, наидува на верни и молчаливи мостови, како на вечна и вечно незаситена човечка желба да се поврзе, да го помири и да го спои сето она што ќе искрсне пред нашиот дух, пред очите и нозете, да нема делење, спротивставувања, ни разделби.
Исто е во соништата и во произволната игра на фантазијата. Слушајќи ја најгорчливата и најубавата музика којашто некогаш сум ја чул, одеднаш ми се укажа камен мост, пресечен по половина, а скршените страни со извртен колк како болно тежат една кон друга, и со последен напор покажуваат на единствената можна линија на лакот кој исчезнал. Тоа е верност и возвишена непомирливост на убавината, којашто покрај себеси допушта уште само една линија на можност: непостоење.
На крај, сè низ што овој наш живот се искажува - мислите, напорите, погледите, насмевките, зборовите, воздишките - сето тоа тежи кон другиот брег, кон којшто се насочува како кон цел, и таму ја добива својата вистинска смисла. Сето тоа има нешто што треба да се совлада и премости: неред, смрт или несмисла. Затоа што сè е премин, мостови чии краеви се губат во бесконечноста, но во споредба со кои земните мостови се само детски играчки, бледи симболи. А сета наша надеж е на онаа страна.