„Медицинскиот канибализам во раната модерна англиска литература и култура“ на Луис Нобл и „Мумии, канибали и вампири: историја на медицината базирана на трупови од ренесансата до викторијанците“ на Ричард Саг, откриваат дека во тек на неколку стотици години, при што кулминацијата била во 16 и 17 век, голем број Европејци, вклучително и научници, свештеници и припадници на кралски лози, консумирале лекови кои содржеле крв, човечки коски и сало. Тие се користеле за голем број заболувања, од главоболки до епилепсија. Иако човекојадството во новите територии, како Америките, било сметано за дивјачко, прашањето коешто било поставувано не било „дали да се користат човечки остатоци?“ кога се има здравествен проблем, туку - какви.
Највисоко на листата посакувани лекарства биле оние кои содржеле остатоци од египетски мумии. Од нив се правел прав кој се ставал во раствор со алкохол како лек за внатрешно крварење. Претворани во прав биле и черепите, крадени од гробници, кои по некоја „логика“ користеле за третирање на заболувања на главата. Томас Вилис, пионер на науката за мозокот од 17 век, самиот правел пијалок за апоплексија или крварење, кој содржел толчен човечки череп и - чоколадо. Англискиот крал Чарлс Втори си правел лична тинктура, „Кралски капки“, човечки череп во алкохол. Дури и „тупето“ од мов кое растело над закопаните черепи, наречен „уснеа“, станал ценет адитив, за лечење крварење од нос и епилепсија. Човечкото сало, пак, се користело за нанесување на надворешноста на телото. Германските доктори, на пример, препишувале завои потопени во него за рани.
Крвта требала да биде колку што е можно посвежа, додека ја содржела виталноста на телото. Германско-швајцарскиот лекар од 16 век, Парацелзус, верувал дека крвта е добра за пиење, а еден од неговите следбеници дури сугерирал пиење крв од живо тело. Сиромашните можеле да искористат вакво лекарство на погубувања, кога плаќале мала сума за шоља од се уште топлата крв на осудениот. Како и голем број „социјално лепрозни“ ликови, кои се сметале за отпадници на општеството, но имале магиски моќи, и извршителот на погубувањето бил сметан за исцелител. За оние кои повеќе ја сакале крвта варена, постои рецепт од францискански аптекар, кој опишува како таа да се претвори во мармалад!
Иако во Ренесансата оваа пракса доживеала процут, не е дека тогаш и прв пат се појавила. Римјаните ја пиеле крвта на убиените гладијатори за да ја впијат виталноста на младите мажи. Марсилио Фичино, филозофот од 15 век, сугерирал пиење крв од раката на млад човек поради слични причини. Голем број исцелители од други култури, влучително од древна Месопотамија и Индија, верувале во користта на човечките делови од телото за лечење.
Иронично, но истовремено со оваа пракса се ширеле стигми за оние „другите“ кои јадат човечко месо. Протестантите за ова ги обвинувале католиците, дека всушност со јадењето леб и пиење вино како симбол на Бог при причестувањето всушност го вршат токму тоа - го јадат телото и ја пијат крвта на Исус. Друга група биле „дивите народи“, пред сè домородните Американци - негативните стереотипите поврзани со нив биле правдани со наводниот факт дека овие групи практикуваат канибализам. Во типичен пример на когнитивна дисонанца, оние кои користеле лекови кои содржеле коски од черепи или човечка крв велеле дека некои други се канибалите.
Сепак, имало и пореални мислители. Мишел де Монтењ во есејот од 16 век под наслов „За човекојадците“, пишува дека канибализмот во Бразил не е ништо полош од европската медицинска верзија и ги споредува обете со суровите масакри на верските војни.
Како што напредувала медицината, оваа пракса замирала. Изолирани примери се уште се среќаваат во 19 век, а мумии биле продавани како медикаменти во германски медицински каталог од почетокот на 20 век. Во 1908 е регистриран последниот обид за голтање крв на губилиште во Германија.
Ова не значи дека и современата медицина не користи делови од други човечки тела, при трансфузии, трансплантации на органи или пресадување кожа. На ниво на морничави приказни се оние за продажба на делови од тела, или кражба на органи од затвореници погубени во Кина, што повторно се базира на истата идеја, дека откако телото е мртво тоа може да се третира како сечие, и со него да се прави што се сака.