Трпе, исплачи се

Модерните мажи погрешно го разбираат стоицизмот

„Стоицизам“ многумина ги асоцира на трпење и на потиснување чувства. Но класичниот концепт е всушност сосема спротивен и подразбира активен однос со околината и со себеси.

Во 2017 понудивме светоглед за преживување базиран на идеите на древните стоици, сумиран во следново: не можеме да го контролираме она што ни се случува, но можеме да ја контролираме нашата реакција.

Но тоа „контролирање на реакциите“ во меѓувреме длабоко се вгради во сфаќањата за типичната машкост, и тоа на многу погрешен начин, споредено со оригиналната стоичка филозофија. Според нео-стоицизмот, базиран на традиционално машки (или мажествени) идеали, да се биде стоик значи да се кријат и потиснуваат сопствените емоции. Ова кај модерните момчиња и мажи доведува до анксиозност, агресија па и самоубиства.

Работата дојде до таму што неодамна Американското здружение на психолози издаде прв прирачник за работа на нивните членови со оваа категорија корисници. На прв поглед ова изгледа непотребно, затоа што децении психологијата се фокусирала на мажите (особено на белите мажи). Но очигледно ова било правено на погрешниот начин, штом мажите денес се извршители на 90% од убиствата во САД и претставуваат 77% од жртвите на тие убиства. Тие исто така 3,5 пати повеќе во споредба со жените извршуваат самоубиства, а нивниот животен век е 4,9 години пократок. Според здружението „стоицизмот, натпреварувачкиот дух и агресијата“ се токсичните елементи кои доведуваат до оваа ситуација.

Но „стоицизам“ (во англискиот со мало с) во овој контекст е сфатен сосема поинаку од она како го замислувале древните филозофи, Сенека, Епиктет или Марко Аурелиј, големите Стоици. Ниту еден од нив не сугерира потиснување на чувствата, туку напротив се занимава со врските помеѓу чувствата, желбите, претпоставките и ставовите, истовремено нудејќи алатки за анализа и рационална реакција на предизвиците. Во современа смисла, ова е слично на когнитивно-бихејвиоралната терапија, затоа што емоциите во својата суштина содржат убедувања, впечатоци или ставови во врска со светот. Токму тие треба да бидат предмет на промена ако некој сака да излезе на крај со своите негативни емоции, бидејќи чувствата се последица, а не причина на одредена психолошка состојба.

Од друга страна е модерно сфатениот стоицизам кој на себе гледа само како на облик на набилдана самодоверба, која често е на стаклени нозе бидејќи не се базира на вистинско себепознавање и на анализа на околината. Извадени од контекст, стоичките идеи можат да бидат користени за промоција на радикално десничарски, машки ставови, особено ако под плаштот на „западната цивилизација“ всушност се зборува за белечкиот идентитет и историја. Стоицизмот станува дел од култот на машкоста како некој вид одбранбена поза - верзија која се гордее со физичката снага, со бесчувствителноста и стегањето на забите кога ти е тешко. Што генерално не е лоша идеја, но не цело време, затоа што потиснатиот бес и фрустрираност така од човека прават боца под притисок, која може секој момент да експлодира.

извор

3 септември 2019 - 09:05