„Не филозофирај“ е забелешка со тон на навреда упатена кон секој оној кој се обидува аналитички и често крајно теориски да излезе на крај со некаков проблем. Но стоицизмот, школата основана во Атина во раниот трет век, не е „филозофирање“ во оваа смисла, туку нуди сосема практични решенија за излегување на крај со светот и неговите предизвици. Од Грција таа е пренесена во Рим, каде долго време била нешто како тренди фитнес идеологија на умот.
Централната порака на стоицизмот може да се сумира во: Не можеме да го контролираме она што ни се случува, но можеме да ја контролираме нашата реакција. „Како да си го зауздам бесот кога некој ќе ми го пресече патот со појака кола?“, „Што да направам ако некој ми пише отровен коментар на Фејсбук“, „Како да се однесувам ако (не) напредувам на работното место?“. Сите овие прашања, кои само навидум се производи на новото време, се поставувани и стотици години пред нас. Особено се актуелни советите за излегување на крај со политичките кризи, како овој на Сенека: „Можам да посакувам да не бидам измачуван, но ако дојде време во кое нема да можам да ја победам тортурата, тогаш ќе ја издржам храбро и чесно“.
„Стоицизмот“ во различни јазици, па и во македонскиот, асоцира на некакво трпење (што од збирниот аватар на Македонецот, Трпе, прави типичен стоик). Но вистинскиот стоицизам не е ни малку ослободен од емоција и желба за отпор. Работата е во форматирањето на нашите реакции на одбивање. Со зборовите на уште еден стоик, Епиктет: „Ако сакаш промена, биди задоволен да немаш поим или да бидеш глуп кога станува збор за површни или нерелевантни теми“.
Алгоритам за донесување одлуки според стоичката филозофија
За стоиците честа и повисоките морални должности се врвни вредности, а секоја пречка во нивното запазување можност за тестирање на себеси, и за станување подобар човек. Најважната компонента на нивната филозофија е практичната етика - како да се живее на најдобриот можен начин, за себе и за другите. Сепак, тие сметале дека е невозможно да се развие издржана етика без други две важни компоненти: разбирањето на тоа како функционира светот (физика) и познавањето на моќта и ограничувањата на човечката моќ на сознание (или комбинација на епистемологија и логика). Оттаму и тн. „стоичко јајце“, во кое овие три области се преплетуваат.
Новиот стоицизам станува сè потренди позиција на бизнисмени, уметници, па и на политичари. Минатиот месец во Њујорк се одржа Стоикон, најголемиот собир на стоичари од светот до сега. Книгата на Рајан Холидеј, „Пречка на патот: безвременската уметност на претворање на предизвиците во триумф“ ја користат луѓе од Силициумската долина, олимписки спортисти и хип-хоп ѕвезди. Во декември детални текстови за стоицизмот објавија куп медиуми, меѓу кои Њујорк Тајмс и Гардијан
Дека мудроста на стоиците е безвременска и дека допрва може да ни затреба покажува и следниов цитат од „Медитации“ на Марко Аурелие: „Среќата на вашиот живот зависи од вашите мисли“.
Имајте добри мисли во новата.