Модата на пиење злато на француската аристократија

Се користело како лек и еликсир. Но истовремено бавно ги труело оние кои со него сакале да се подмладат. Всушност токму на овој начин можеби и си ја вршело функцијата - оној кој умрел млад, не стигнал ни да остари.

Неодамна пишувавме за постепеното укинување на терминот „против стареење“ кај козметичките производи, а форсирањето на политички покоректните „обновување“, „регенерација“ или „сјаење“.  Но нашиов, 21 век, не е нешто поинаков во табуизирањето на староста од некои подалечни времиња. На пример од 16 век, кога помеѓу богатите Французи се појавила една необична мода - подмладување со пиење злато.

Познат е случај на извесна Дијан де Поитје, благородничка од францускиот двор, која секојдневно пиела тоник направен од злато хлорид помешан со диетил етер. Не мора да сте некој врвен хемичар за овие зборови да ви зазвучат отровно. Затоа што тоа и се.

Де Поитје имала големо влијание врз дворот на кралот Анри Втори кој бил нејзин љубовник. Често опишувана како луцидна ренесансна жена, таа била мецена на уметниците и го организирала образованието на децата во кралското семејство. Но најдалеку бил познат нејзиниот свеж изглед и добар тен, кои ги имала дури и пред смртта на 66 години - можеби златото навистина имало благопријатно дејство врз кожата, но со една маана - што го труело целиот останат организам.

Пиењето злато било анти-ејџинг тренд на тоа време, а аптекарите имале варијанти и за посиромашните - од масло од шкорпија до еликсири направени од пајакови мрежи. Но практиката со златото е всушност многу постара. Плиниј постариот, римскиот филозоф, сметал дека тоа е добар лек за брадавици и чиреви. Веи Бојанг, кинески алхемичар од вториот и третиот век од нашата ера напишал дека златото е бесмртно и дека оние кои го пијат можат да го постигнат истото. Древните Еѓипјани исто така сметале на златната вода како на лек против старост. И идејата е некако „логична“ - дека она што не р`ѓосува магично може да направи оние кои ќе го консумираат исто така да не „р`ѓаат“.

Aurum potabile е името под кое овој препарат бил познат во спомнатиот, 16 век, кога се препорачувал како лек за се, од епилепсија до манија. Но освен за подмладување, тоа исто злато (само стопено) било користено и за намерно убивање луѓе во текот на Шпанската инквизиција. И иако подоцна се откриле токсичните својства на пиењето злато, тоа и денес се среќава во баснословно скапите креми за лице, како и во луксузи варијанти на алкохоли. Или барем велат дека тие ливчиња кои светкаат во шишињата се златни.

Извор

18 септември 2018 - 19:51