Сакате да запознаете возрасен академски граѓанин кој сака да го слуша Григ, дур пие чаша најдобро шардоне? Дали можете да замислите весник во кој следниов оглас би се чувствувал ко на свој терен - „Морепловец од времето пред Големиот потоп бара атрактивна кормиларка за да се скраси на цврсто копно среде бурата што надоаѓа. Долгорочна врска е неодминлива. Ќе пловиме кон Арарат, како протест против геноцидот врз Ерменците. Мон Блан? Отворен за предлози".
Иако е најпознато како книжевно списание, New York Review of Books од 1968 објавува лични огласи од ваков тип. Првиот од 11. јули истата година гласи: „Се бара жена: интелигентна, убава, 18-25, со широки погледи на свет, чувствителна и страсна. Да биде со остварен уметник и да води возбудлив живот, NYR box 1432" (на фотографијата горе десно)
Не е познато дали уметников си ја нашол сродната душа, но начитаната публика на ова списание на овој начин очигледно добила можност да комуницира, токму преку своите уметнички преференци, со слични на себе, без притоа да се чувствува како натрапник среде огласи за продажба на авто-делови и градежни парцели.
Кетрин Тајс, еден од издавачите на списанието, вели дека огласите отсликуваат интелектуално ангажирана и љубопитна читателска публика: „Ако некој 25-годишен радикал бара 'дијалектичка синтеза со јакобинка со уличарски кредибилитет, која нема што да загуби освен синџирите, а недостатокот на сопственост е плус' тешко дека би добил каков и да е одговор на друго место. Но во нашето списание сигурно има читателка која одговара на овој опис", вели таа.
Еве уште некои од огласите:
„Непропорционално благословен генералисимо, кој доживеал преврат од неблагодарното селанство, ужива во луксузен тропски егзил. Бара талентиран соучесник со низок морал и висок праг на болка за долга врска, сатори, а можеби и мал нарко-криминал патем."
„Палава кугарка, 84, бара дечко, 72-76, за заеднички прошетки од паркинзи до докторски ординации. Мора да сака детални описи на болести, да ужива во попладневни дремки. Способност за дневно возење обавезно, и да сака фотографии од внуци. Ограничено збифтање и вилица што тропа се ОК. Не очекувај ДЛВ (долгорочна врска)"
Во прилог сцената од „Ени Хол" на Вуди Ален каде главниот лик Алви Сингер директно, иако иронично, реферира на наводен оглас во ова списание: „Академски граѓанин сака да запознае жена која се интересира за Моцарт, Џејмс Џојс и содомија".