Во 2012, кога новинарка на Би-би-си пребарувала материјал за „Златна зора“, радикално десничарската грчка партија, наишла на слика на жена во сино сари како заљубено гледа во статуа на Хитлер врз позадина на фотошопирано зајдисонце. Што бара жена која изгледа како Индијка на сајт на отворено расистичка партија, која се обидува да ги исфрли сите странци од Грција? Неколку години ова прашање останало неодговорено, до моментот кога плимата на десничарска политика во Европа и Америка повторно не го исфрлила на површина името на жената на сликата - Савитри Деви.
Деновиве не е тешко да се наиде на онлајн дискусии за книгите за неонацизмот на оваа авторка, особено за „Молњата и сонцето“, која се базира на теорија дека Хитлер бил инкаранција на хинду богот Вишну. Американскиот алт-рајт сајт Counter-Currents содржи детална онлајн архива посветена на нејзиниот живот и дела. А нејзините ставови се шират и до пошироката публика благодарејќи на американските десничарски водачи, како Ричард Спенсер и Стив Бањон, поранешниот главен стратег на Трамп, кои го делат нејзиниот став за историјата како циклична борба помеѓу доброто и злото - теорија која таа ја споделувала со мистичните фашисти од 20 век, исто како и онаа според која Хитлер е оној кој ќе го прекине Кали Југа, мрачното доба во хинду митологијата.
Која била всушност Савитири Деви?
И покрај сарито и нејзиното име, таа била Европејка, родена како Максимијани Портас, од мајка Англичанка и татко со грчко-италијанско потекло, во Лион во 1905. Од рана возраст ги мразела сите форми на егалитаризам - „Не може убава девојка да е рамноправна со грда“, му рекла на новинар кој бил испратен да ја интервјуира од страна на одрекувачот на холокаустот Ернст Зундел во 1978.
(со обетки во форма на свастика)
Инспирирана од грчкиот национализам, таа пристигнала во Атина во 1920-тите, во исто време кога илјадници бегалци (меѓу кои и Македонци од Егејскиот дел) ја доживувале својата трагична судбина. Таа ги обвинувала западните сојузници за грчкото понижување по Првата светска војна, заради наводно неправично наметнатите санкции кон Германија и Грција. Обете страни според неа биле жртви од војната, на кои не им било овозможено остварување на легитимната аспирација на обединување на сите нивни припадници на една територија. Ова гледиште, комбинирано со страсниот антисемитизам за кој инспирација велела дека ѝ е Библијата, довело до тоа таа да се идентификува како национал-социјалист, уште во раната фаза на формирање на оваа идеологија.
Савитри го обвинувала јудео-христијанството за уништување на славата на она што некогаш била ариевската древна утопија. Во 1930-тите заминала за Индија во потрага по жива верзија на европското паганско минато, убедена дека системот на касти, преку забраната на мешани бракови, успеала да го „конзервира“ чистото ариевство (став споделен и од некогашниот водач на Ку Клукс кланот, Дејвид Дјук, кој исто така патувал низ Индија).
Глетката на европска жена која патува во најниската класа со воз низ потконтинентот била толку необична што таа била ставена под надзор на британските колонијални власти. Но до Втората светска војна немала голема врска со Британците. Тогаш таа почнала да пренесува информации од нив кон Јапонците. Научила неколку јазици кои се зборуваат во Индија, се омажила за браман (кој и самиот верувал дека е Ариевец) и создала детална синтеза на нацизмот и на хундуизмот, верзија во која Хитлер бил оној кој ќе го започне новото златно доба на ариевството.
Со своето присуство и активност во Калкута во 1930-тите таа го поддржала движењето Хиндутва, кое сметало дека Индусите се вистинските наследници на Ариевците. Патувала низ земјата држејќи предавања полни со цитати од „Мајн кампф“.
Во 1945, скршена од падот на Третиот Рајх, се вратила во Европа да работи на неговото реставрирање. Враќањето во Англија е опишано во нејзината книга „Долгомустаќот и Божицата на две нозе“, детска приказна чија хероина е нацистка љубителка на мачки, каква што била и самата.
Во 1948 успеала некако да влезе во Германија, каде дистрибуирала илјадници про-нацистички флаери со порака „Еден ден повторно ќе се воздигнеме и ќе триумфираме! Хајл Хитлер!“. Подоцна изјавила дека ѝ било мило што била уапсена од Британците бидејќи со тоа се нашла близу нејзините затворени наци истомисленици. Во тек на нејзиниот престој во затворот, кој бил прекинат од интервенција на маж ѝ преку индиската влада, се зближила со жена обвинета за воени злосторства, „убава девоја, плава, отприлика моја возраст“. Сексуалноста на Савитри заради ова пријателство била ставена под знак прашање, особено имајќи предвид дека нејзиниот брак бил всушност целибат, затоа што таа и сопругот не биле од иста каста. Спонзорката на нацистите, Франсоаз Диор, внука на познатиот моден дизајнер, тврдела дека ѝ била љубовница.
Во подоцнежните години Савитри се вратила во Индија, каде се чувствувала најпријатно. Живеела во стан над гаража во тивка улица во Делхи, каде се посветила на чување мачки. Умрела во куќа на пријатели во Англија во 1982. Пепелта ѝ била погребана со сите фашистички салтанати, близу оние на американскиот нацистички лидер Џорџ Линколн Роквел.
Денес ставовите на Деви се дел и од историјата на хинду националистите и на европската и американската радикална десница. Нејзините ексцентрични текстови ги содржат клучните идеи на национал-социјализмот: дека луѓето можат (и треба) да бидат поделени на раси кои не смеат да се мешаат, дека одредени групи се супериорни во однос на други, дека овие грипи се под закана и дека мрачните времиња во кои живееме ќе престанат само кога овие супериорните ќе ја преземат власта, враќајќи нè во митското златно доба.