Чарлс Дарвин бил зачуден од солзите поттикнати од чувства - сметал дека тие немаат никаква корисна функција освен да го навлажнуваат окото. Иако ваквиот вид плачење се смета за исклучиво човечка особина, од Дарвин наваму истражувачите велат дека солзите на цицачите содржат хемикалии кои дејствуваат како социјални сигнали, такви кои намалуваат агресија.
На пример, солзите на женки-глувци содржат сигнали кои ја стишуваат агресијата на мажјаците, со тоа што ја спречуваат активноста во мозочните мрежи каде таа вообичаено се активира. Плачат и подредените слепи кртови, кога сакаат да ја намалат агресијата на доминантните мажјаци кон нив.
Сега истражувачи од Институтот за наука Вајцман од Израел спровеле серија експерименти за да истражат дали, исто како и кај глодарите, мирисот на човечките (женски) солзи ја намалува агресијата кај мажите и каков функционален ефект тоа би можело да има врз нивните мозоци.
До сега се знаеше дека мирисот на солзи го намалува тестостеронот, што пак од своја страна има поголем ефект врз агресијата кај мажите отколку кај жените, па оттаму проучувањето на влијанието на солзите се фокусирало токму на првите. За хемосигнализирачкиот ефект на човечките солзи нема многу претходни податоци освен статија од некои од истите истражувачи од истиот тим од 2011. Тогаш тие откриле дека женските солзи содржат хемиски сигнал без мирис кој кога ќе биде регистриран од мажите го намалува сексуалното либидо, физиолошките параметри на возбуда и нивоата на тестостерон.
Емоционални солзи биле собрани од шест човечки донатори на возраст од 22-25 години, кои гледале клипчиња од тажни филмови во изолација за да заплачат. Истовремено, 25 мажи биле замолени да играат игра со пари со уште едно лице, за кое не им било кажано дека е компјутерски алгоритам. Играта била така дизајнирана за да поттикне агресивна реакција од мажот кон опонентот, поради индуцираното убедување дека другата страна мами. Во текот на играта мажите можеле да му се одмаздат со тоа што вториов би загубил пари, но без ќар за првите.
Пред играта учесниците мирисале или женски солзи или раствор со сол - обете без мирис - но не им било кажано што мирисаат. Истражувачите забележале 43,7% намалување на агресијата по изложеност на солзите. Следниот експеримент вклучил и магнетна резонанца на мозоците на играчите. Имало значајна корелација помеѓу експерименталната состојба (солзи наспроти раствор) и агресијата во регионите поврзани со поттикнување или намалување агресија.
Сега, кога ефектот на мирисање женски солзи врз мажите е истражен од страна на овие истражувачи, тие сакаат да го прошират својот проект. Проблемот бил што кога барале волонтери за донирање солзи главно им се јавувале жени затоа што за нив е многу општествено поприфатливо да плачат.