Доколку ја гледа сликата на Јан ван дер Хејден (патем, изумителот на уличното осветлување), „Поглед на Удзијдс Вурбургвал со Уде Керк во Амстердам“, која датира од 17 век, модерниот гледач може да забележи шармантно кајче, елегантни лебеди и стари згради од тули. Нo кураторката во холандскиот уметнички музеј Маурицуис, Аријане ван Суштелен, на неа забележала и нешто друго. Сликата вклучува полско ве-це кое се празни во каналот, точно до местото каде жена пере облека. Но, како што вели таа, повеќето музејски посетители на неа веројатно би ја проектирале својата современа слика за каналите како за санитарно исправни. Секако не би можеле ни да замислат како мирисало местото во времето кога авторот го имал поставено штафелајот во негова близина.
Нова изложба која ќе биде отворена во моментот кога холандската влада ќе одлучи дека ваквите институции се безбедни за посетителите, ќе им овозможи подлабоко искусување на оваа и на други слики, со тоа што освен очите ќе ги надразни и носовите. Под наслов „Мирисни ја уметноста: минливи мириси во боја“, поставката вклучува ароматизери кои со притискање со нога ќе испуштаат „пуф“, односно мирис поврзан со она што е на сликите.
Холандските уметници од тоа време биле особено заинтересирани за доловување на мирис и вкус. Рембрант на пример сликал миризливи соли како во „Несвесниот пациент (алегорија на мирисот)“ од 1624-5, а Абрахам Мињон сликал живописни мртви природи со цвеќиња и овошки.
Помеѓу застапените мириси ќе има такви на расипана риба, тазе испрани и исушени чаршафи, амбра (специфична материја која се прави во утробата на китот) и мирта. Изложбата се планира да трае до крај на август, а за 25 евра ќе можат да се купат и „мирисни кутии“ со четири мириси од изложбата по избор. Со нив ќе може да се следи и дигиталната верзија на изложбата, онлајн.