Минијатурните насликани „очи“ кои ги разменувале љубовници од 18 век

Биле наречени „очи на љубовниците“ и се разменувале помеѓу парови во Британија во втората половина на 18 век. Од денешна перспектива делуваат троа морничаво, но да се добие ваков подарок значело дека работата е за сериозно.

Око насликано на парче слонова коска, не поголемо од нокт на малото прсте, вградено во брошеви, во прстени обработени со бисери или поставено во златни кутивчиња - сето ова бил накит што се носел во знак на приврзаност со оној чиешто било насликаното око.

Делумно портрети, делумно парчиња накит, тие не се лесни за категоризација. Истовремено се и обвиткани со мистерија, за тоа чие е насликаното око и кој е авторот на сликата. Иако вакви артефакти се дел од збирките на големи музеи (Филаделфискиот музеј на уметност, Музејот на Викторија и Алберт и др.), до скоро не предизвикувале големо внимание. А всушност се многу интересни, токму заради бизарното одделување на окото од целиот портрет, што го истакнува не толку окото како дел од анатомијата, туку погледот.

18-тиот век кога овие минијатури биле популарни е време пред фотографијата, кога луѓето биле очајни да им дадат на саканите не само слики, туку и дел од себеси. Тоа можеле да бидат портрети со цело лице, кои доаѓале во комплет, на пример, со прамен коса. Нивната цел била речиси магиска - да обезбедат постојано физичко присуство на љубовникот преку негова „замена“, нешто што можело да се држи во рака или да се чува близу до срцето а кое потсетувало на неговиот лик. Она што е сепак специфично за очите е што тие потсетуваат на она како саканиот гледа (кон нас), а не како тој изгледа. Некои од погледите се тажни, други дрски, трети проникливи.

Но во текот на 19 век трендот почнал да исчезнува. Се појавила фотографијата и веќе немало толкава потреба од насликани портрети. Производството на „љубовнички очи“ запрело а имињата на луѓето на овие минијатури, како и на сликарите, биле заборавени. Остануваат нивните погледи, кои хипнотички демнат од брошевите и привезоците.

извор

15 декември 2020 - 18:52