Со детален преглед на своите збирки, како и испраќање на научници на истражувачки патувања кои подолго време беа паузирани поради Ковидот, истражувачите од Природонаучниот музеј во Лондон успеале да опишат неколку стотини видови. Сега брзаат да им дадат имиња, за да не се случи некои во меѓувреме да исчезнат без да остане трага од нив.
Најголемата група нови откритија се однесува на осите, кои вклучуваат минијатурни суштества со „прерасни крилца, слични на пердуви“. Малите паразитски оси од семејството Мегафарма се некои од најситните инсекти во светот, но истражувачите велат дека тие можат да бидат значајни за земјоделието. Тие паразитираат на јајцата на типови инсекти кои можат да предизвикаат оштетувања на приносите, и како такви осите можат да бидат значајни биолошки „контролори“.
Научниците исто така именувале 84 видови бубачки, 34 видови молци, 23 видови бриозоани (едноставни безрбетни суштества кои се прилепуваат на тврди површини како карпи, вообичаено мовови) и 13 видови црви. Имало и 12 нови видови протисти (организми кои не се ниту животни, ниту растенија, ниту габи, да речеме „разно“-то во класификацијата на едноклеточни организми), седум видови муви, два бумбара од Азија, два вида црви од длабочината на океанот и една стоногалка со делови кои никогаш претходно не биле забележани од науката.
Биле откриени и некои видови ’рбетници, вклучително нови видови геко гуштерчиња од Сејшелите, три вида риби и седум видови жаби. Шест од видовите жаби се толку ситни што се помеѓу најмалите познати ’рбетници. Тие биле откриени во Мексико а растат само до осум милиметри во должина. Се уште не е познато зошто еволуирале за да бидат толку мали.
Иако голем број од видовите опишани од научниците биле познати подолго време од локалците кои живеат во нивна близина, Музејот вели дека е важно да им се дадат официјални имиња за тие да бидат вклучени во програми за мониторирање и заштита. Со оглед на тоа што секоја година исчезнуваат голем број видови, со самото откривање започнува трката со времето.