НАСА има посебно студио за научна визуелизација, чија цел е промоција на програмите на оваа институција преку анимации, фотографии и видеа. На неговиот сајт има над 7200 визуелизации, создадени од тим продуценти, уредници, аниматори, преведувачи. Ова само по себе не звучи како место каде се прави некаква уметност. Но Ерни Рајт, вработен во оваа институција како специјалист за медиуми неодамна објави видео со слики на тн. Лунар реконесанс орбитер - роботичко летало лансирано во 2009 кое кружи околу месечината, придружено со „Месечева светлина“ на Дебиси, кое е и информативно, но и некако медитативно.
„Месечева светлина“ на почетокот на 20 век е објавено како трет од четирите става на Бергамската суита на овој автор, и за разлика од другите делови е тивок, контемплативен и по малку меланхоличен, налик на осамена прошетка во градина осветлена само од месечината. Токму такво чувство создава и видеото, со тоа што „градината“ е самата месечина. Гледачот го следи сонцето, неговото изгрејсонце и зајдисонце, како тој самиот да се наоѓа на неа. Притоа во кадрите гледаме некои од помаркантните објекти на неа, како кратерот на Коперник, кој се разоткрива на изгрејсонце, а потоа полека тоне во мрак како што паѓа ноќта. Визуелизацијата користи дигитален 3Д модел на месечината, а осветлувањето ги претставува реалните агли на сонцето во текот на 2018.
Изведбата на музиката е на Националниот симфониски оркестар, снимена во Центарот за изведувачки уметности Кенеди во Вашингтон, на 1 и 2 јуни 2018, како дел од прославата на 60-годишнината на НАСА.