Во 1519 Шпанија брутално ја освојувала Средна Америка. Конквистадорот Ернан Кортес притоа открил тајно оружје кое ќе му помогне да ја запечати својата победа: Ла Малинче. Таа била припадничка на племето Ацтеки, продавана како девојче низ целиот полуостров Јукатан, па оттаму ги зборувала јазиците и на Маите и на Ацтеките. Користејќи ја нејзината способност за преведување, како и искуството со снаоѓање во за него непознатиот простор, Кортес успевал да се извлече од различни опасни ситуации, и да ги пренесе своите луѓе низ туѓата територија.
За жал за животот на Малинче не постојат голем број историски докази. Ниту еден од документите не се напишани од нејзина рака. Токму затоа нова изложба која е планирана за 2022 во Уметничкиот музеј во Денвер, Колорадо, ја истражува нејзината биографија низ уметничка призма.
Под наслов „Предавничка, преживеана, икона: наследството на Ла Малинче“, изложбата ќе вклучи 68 дела од 38 уметници, вклучително и две сосема нови дела. Таа е поделена на пет тематски целини: Преведувачката, Домородната жена, Мајка на дете од мешана раса, Предавничката, Современи ставови.
Малкуте историски податоци велат дека Малинче била продадена или киднапирана како мало девојче. Кога Кортес го освоил градот Потончан на Маите во 1519, неговите жители му предале подароци, злато и заробени жени и девојки, вклучително и неа. Иако точниот датум на нејзиното раѓање не е познат, најверојатно тогаш била на тинејџерска возраст.
Позната била под повеќе имиња, како Малинал, Малинцин и дона Марина. Сепак, сосема е можно нејзиното оригинално име да нема врска со овие.
Откако станал свесен за повеќејазичноста на Малинче, Кортес го експлоатирал нејзиното знаење и ја држел до себе. Таа пак не само што преведувала, туку била способна и за планирање, стратешко позиционирање и воспоставување политички врски.
Во октомври 1519 наводно ги спасила Шпанците од смртоносен напад, предупредувајќи го Кортес за заседа во ацтечкиот град Чолула, откако слушнала за истото од некоја стара жена. Кортес реагирал на планираниот бунт со масакрирање илјадници Чолуланци. Иако голем број приказни укажуваат на вината на Малинче, други велат дека целата нарација била конструирана од конквистадорот за да си ги оправда своите крвави дејства.
Во 1523 Малинче му го родила првиот син на Кортес, Мартин. Со тоа таа симболично ја воспоставила модерната мексиканска нација, базирана на домородното и шпанското наследство. Архивски документи укажуваат на тоа дека Малинче умрела во 1527 или 1528, на возраст од околу 25 години.
Откако Мексико стана независно од Шпанија во раниот 20 век, Малинче била претворена во симбол, но не на позитивен начин. Таа станала предавник во јавната меморија, со оглед на тоа што го помагала и со тоа го овозможувала освојувањето на Латинска Америка и геноцидот на нејзините народи односно на нејзиниот сопствен народ. Во мексиканскиот сленг дури постои и термин „малинчиста“ кој се однесува на некој кој е нелојален кон својата земја и ја трампа својата култура за туѓа.
Целата приказна за оваа жена е поврзана со прашања на идентитетот, колонизацијата и женственоста па оттаму таа е слична со онаа на Покахонтас, за која сепак постојат повеќе податоци. Изложбата ќе се обиде да ја претстави сложената приказна за Малинче на современата публика, без притоа ниту да ја глорифицира, ниту да ја суди.