На 13 јануари 1525, Јакопо ди Филипо Фалконети направил голема журка во својата вила надвор од Фиренца, како прослава на враќањето од егзил. Како што забележал драматургот Донато Џаноти, присутни биле сите важни градски фаци, па дури и де факто владетелот на Фиренца, Иполито де Медичи.
На забавата не се штедело на ништо: се пиеле најскапи вина од сребрени чаши, се јаделе деликатеси, а дел од забавата била и театарска претстава - комедија под наслов „Клиција“. Специјално напишана за настанот, таа содржала сè што ѝ се допаѓало на ренесансната публика: млада и убава девојка-сирак, стар и напален маж, случај на помешан идентитет и среќен крај. Но заплетот не бил најинтересното во целата работа. На задоволство на публиката, една од актерките - Барбера Салутати - пеела по еден весел мадригал пред и по секој чин. Никој до тогаш немал видено нешто такво. Тоа било прв пат во историјата на италијанската комедија музика да биде користена како интермецо. Од тој момент, таканаречените „интермедио“ песни станале вообичаен елемент на драмските изведби.
„Клиција“ била напишана од никој друг туку од Николо Макијавели, кој во тоа време имал вонбрачна врска со спомнатата Салутати. Стиховите на мадригалите ги напишал и ги вметнал во претставата за да ѝ даде поголема улога на својата љубовница. Во нивното компонирање соработувал со францускиот композитор Филип Вердело.
Ова не било ниту прв, ниту последен пат Макијавели да се занимава со музика. Неговата мајка, како и секоја жена со аристократско потекло, била музички образована, и самата компонирала дела со религиозна тематика и ја пренела љубовта кон музиката на нејзиниот син. Истите правила важеле и за секој господин човек - ниту еден маж не можел да се смета за образован ако не бил истовремено и музичар, или барем способен да чита ноти и да свири на некој инструмент.
Како втор канцелар на Фирентинската република од 1498, Макијавели ја сметал музиката за релаксација. Уште како адолесцент имал компонирано неколку љубовни песни, а како возрасен се свртел кон правење песни за роднините и пријателите, кои кога се собирале на седенки ги изведувале заедно во придружба на жичан инструмент наречен ребек.
Омилени му биле тн. canti carnivalеschi, кои се пеат во текот на градските карневалски прослави во Фиренца и се полни со хумор. Не се знае колкав број од нив имал напишано, но сочувани се шест. Некои се романтични, други на сексуални теми, а трети ги исмеваат верските власти. Бил заинтересиран и за улогата на музиката во војна. Во периодот 1505-6, тој помогнал да се воспостави градска милиција, а во следните години бил одговорен не само за регрутирање и обука на нејзините членови, туку и за нејзина употреба во освојувањето на Пиза.
Тогаш сфатил колку е тешко да се пренесуваат наредби среде битка. Ова илјадници години порано го знаеле Римјаните и Грците, кои користеле различни видови музика за да поттикнат одредено однесување, или да ги смират трупите. Според Макијавели, близу до генералите требало да бидат поставени труби, кои се слушаат среде врева од каква и да е природа. До командантите на батаљоните, пак, требало да има барабани и флејти, на кои би се свирело како на банкети, значи силно и отсечно.
Сепак, Макијавели е најпознат како пионер на музичкиот театар - дури и да не бил запомнет како политички филозоф, ова со музиката сигурно би му обезбедило место во историјата. Самиот бил искрен, и на синот Гвидо пред смртта му признал дека немал голем талент, сепак препорачувајќи му да учи музика, заради нејзината благородност и корисност.