Во нова книга под наслов „Тивката зона: откривање на мистеријата за еден град потонат во тишина“, авторот Стивен Курци вели: „Никогаш не би ми паднало на памет дека една заедница која се капе во тишина би можела да биде било што друго освен идилична“.
На четири часа од Вашингтон Ди-си, Грин Бенк е гратче во руралната Покахонтас Каунти, позната по тоа што од 1957 е дом на Националната радио-астрономска опсерваторија, федерален комплекс чиј огромен телескоп детектира „невидливи енергетски бранови“ од вселената. Ова значи дека во околината сите апарати кои емитуваат електромагнетно зрачење се забранети. Во радиус од 16 километри од опсерваторијата не смее да се користат мобилни телефони, бежичен интернет, микробранови печки и други апарати.
Курци се интересирал за тоа како зависноста од технологијата влијае врз човечките животи, но следел обратна логика - теренски истражувајќи на место каде неа ја нема. Сепак, тука го очекувало изненадување - „Тивката зона“ всушност излегла една голема лага. Речиси сите имале ви-фи, вклучително и чуварот кој вози наоколу во потрага по електромагнетни зрачења, за истите да ги спречи. Закони кои го ограничуваат користењето на безжичниот интернет навистина постојат, но никогаш не биле активирани во пракса.
Наводната „оаза“ уште од 1960-тите привлекувала хипици и луѓе заинтересирани за „враќање кон природата“. Меѓу нив и надрилекарот и водач на секс-култ, Хантер „Печ“ Адамс, кој стана славен по истиомениот филм со Робин Вилијамс, чија ветена бесплатна болница до денес останува неизградена. Тука се собираат „електросензитивните“, луѓе кои се убедени дека страдаат од болести предизвикани од електромагнетна пречувствителност. Според еден жител, местото е „магнет за чудаци“, а во книгата се опишани и до сега нерасчистени убиства и бизарни самоубиства кои тука се случувале низ годините. Близу Грин Бенк пред неколку децении било и седиштето на американските неонацисти, а денес зградата е во рушевини, со по некој нацистички симбол фрлен во тревата.
По четири години минати во истражување тука, Курци сфатил дека местото е „сè помалку Валден а сè повеќе бизарно“. На крај тој го споредува со Твин Пикс - „Откривањето на повеќе слоеви во Тивката зона го почувствував токму така. Визијата која ме привлече излезе дека е илузија“.