Денешната усна хармоника била популаризирана во 1857 од креативен германски часовничар по име Матијас Хонер. Хонер изработувал мали дијатонски хармоники, направени така да произведуваат дурски и молски акорди додека вдишувате и издишувате.
Пософистицирана верзија на споменатата е хроматичката хармоника. Поголема е и потешка, и со помош на „слајд" таа може да ги произведе сите повишени и снижени тонови.
Овој вид на усна хармоника, или „органа" како што некои ја нарекуваат, е сериозен инструмент. За еден од најдобрите интерпретатори се смета Лери Адлер (1914-2001), кој на 14 години победил на некаков натпревар свирејќи го - Бетовен. Подоцна соработувал со Елтон Џон, Стинг и Кејт Буш. Еве ја неговата изведба на „Месечева светлина" на Дебиси
И на „Рапсодија во сино", во живо во Токио
Второ значајно име е Тутс Тилеманс, белгиски музичар, кој денес има 93 години. Соработувал со Пет Метини, Дијана Крал, Стиви Вондер, а еве го тука со Каетано Велосо
Но Хауард Леви е посебен затоа што на помалата, дијатонска хармоника успева да свири сложени мелодии. Со Чешкиот симфониски оркестар го има изведено сопствениот Концерт за дијатонска хармоника и оркестар. Негова заслуга е што престижните американски конзерваториуми, како Беркли, почнале да примаат студенти чиј инструмент е токму усната хармоника. Претходно академските музичари на неа гледале потсмешливо, бидејќи се сметало дека секој може да свири на ваков инструмент.
Новите генерации усни хармоникаши веќе не се држат (само) до традицијата на американскиот блуз и на кантрито, туку измислуваат и покреативни начини на свирење, и физички поинакви хармоники кои можат да произведат до сега неслушнати мелодии. Матијас Хорнер веројатно би свирнал на ова со одобрување.
„Амејзинг грејс“ во изведба на Леви, да влеземе во празнично расположение: